Стапи во сила проектот за кредитирање микро и мали фирми со отворање работни места

Невработените лица и фирмите од денеска можат да аплицираат во Агенцијата за вработување  за користење на  придобивките од владиниот проект за кредитирање микро и мали претпријатија со отворање нови работни места,  наменет за  проширување на сопствен бизнис.  Со 100 милиони денари од државниот Буџет за кредитирање со оваа социо-економска мерка се очекуваат  550 вработувања.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски апелира до  фирмите што ги исполнуваат условите да поднесат апликации во работните клубови на 30-те центри за вработување во целата држава, согласно објавениот оглас.

Мерката се воведува првпат. Модифицирана е соодветно на искуствата од претходните години, делумно различна од  тие што ги имавме претходно, а од една страна е и мотивација  особено за правните субјекти кои почнаа сопствен бизнис со поддршка во претходните години, рече на прес-конференција министерот Ристовски.

Корисници на парите од владината мерка можат да бидат микро и мали претпријатија регистрирани најмалку една година пред денот на објавување на јавниот оглас и што имаат најмалку двајца вработени минимум три месеци, а не го намалиле бројот на вработените во последните шест месеци. Ќе може да има вработување за евидентирани невработени најмалку три месеци до денот на објавата на јавниот оглас.

Кредитирањето изнесува 3.000 евра по вработено лице, со максимум износ до 9.000 евра, за три нововработени лица односно три нови работни места.  Фирмата што ќе вработи лица со пари од овој проект има обврска да ги задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос или на нивно место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Во спротивно, ќе треба предвремено да го врати кредитот во целост.

Според министерот Ристовски, фирмите ќе ги добијат парите под исклучително поволни услови - каматна стапка од еден процент, едногодишен грејс период, две години рок за враќање и  полугодишна исплата на две еднакви рати. За да добие таков кредит фирмата мора да обезбеди гаранција за поврат на парите со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или гаранција со најмалку еден жирант или рачен залог во однос 1:2  со одобрениот кредит или банкарска гаранција. За кредитот се пресметува пропорционална камата, а во случај на непочитување на договорот за враќање на парите или договорна казнена камата со плус пет проценти над редовната камата.  

Ристовски појасни дека предност при селекција ќе имаат правните субјекти основани со активните програми и мерки за вработување од оперативните планови на Владата, како и  основаните со доделување кредити од проектот самовработување со кредитирање,  доколку го отплатиле кредитот во целост и не го намалиле бројот на вработените за кои  ги користеле средствата.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека со проектот за кредитирање се заокружува група од 12 владини социо-економски мерки.  Во тек на следните 20 дена секоја компанија што ги исполнува критериумите, а има потреба од вработувања, ќе може да ги добие овие кредитни  средства, кои не се ниту со мал, ниту со голем износ,  но сепак се со многу поволни услови кои ги нема во ниту една банка во Македонија, укажа Поповски.

Министерството за труд и социјална политика и Владата ги спроведуваат социо-економските  мерки паралелно со активните политики и мерки за вработување.