Лимани: Продолжуваме со промоција на зелени политики, поддршка на социјално-инклузивниот раст и создавање можности за новите генерации

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“, реализиран преку соработка со Германското друштво за интернационална соработка - ГИЗ и Зелениот климатски фонд. Проектот имаше за цел  зајакнување на институционалните капацитети и поттикнување на одржлив и инклузивен развој во клучните области: здравство, образование, вработување и социјална политика.

Во своето обраќање пред присутните, Лимани изрази задоволство што овој проект ги постави темелите за поттикнување на зелени работни места и унапредување на политиките за социјална инклузија.

„Знаеме дека климатските промени имаат длабоки социо-економски последици, а нашата задача е да ги минимизираме ризиците и да обезбедиме еднакви можности за сите граѓани, особено за младите, жените и ранливите групи. Во овој контекст, важно е да истакнеме дека Националниот Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово чувствително и инклузивно вработување, во клучните економски сектори во државата, содржи конкретни мерки за адаптација на пазарот на трудот кон зелената транзиција,“ истакна Лимани.

Преку ревидирање на Националната класификација на занимања и вклучување на нови зелени занимања, се овозможува младите и ранливите групи да добијат пристап до квалитетни и одржливи идни работни места.

Дополнително, во согласност со планираните активностите од Националниот акциски план се овозможува:

∙             Интеграција на зелена агенда во програмите за вработување и преквалификација на невработени лица, со посебен фокус на младите, жените и ранливите категории;

∙             Воспоставување на механизам за следење и транспарентно објавување на резултати од вклучени НЕЕТ млади (млади кои не се ниту во образование, ниту во вработување) во зелени вработувања;

∙             Развој на социјалните услуги во функција на вклучување во климатски паметни и инклузивни работни места, при што ќе се поттикне социјалното претприемништво како важен елемент на зелениот развој;

∙             Кампањи за подигнување на јавната свест за потребата од зелени вештини, со цел поттикнување на нови генерации да се насочат кон зелени занимања и одржливи професии;

∙             Промоција на родово одговорно буџетирање во климатските политики и политиките за вработување, со што ќе се осигураат правични финансиски алокации за жените и маргинализираните групи и

∙             Развој на програми за зелено претприемништво и иновации, кои ќе обезбедат поддршка за стартапи и мали бизниси ориентирани кон одржливи технологии и практики.

„Нашата заложба е да создадеме политики кои ќе ги поврзат образовните програми со реалните потреби на работната сила, обезбедувајќи можности за преквалификација и унапредување на вештините,“ порача Лимани.

Тој посочи дека Министерство за социјална политика, демографија и млади, останува посветено на промоција на зелени политики, поддршка на социјално-инклузивниот раст и создавање можности за нови генерации.