Груевски: Сакаме реализација на иницијативите кон Грција и решение за името ден поскоро

Кај нас има волја да се реши прашањето за името, тоа е наш интерес, тоа прашање да биде надминато, да имаме пријателски односи со нашиот јужен сосед, да си помагаме, наместо да си одмагаме и да се бориме низ европските и светските институции како да се надмудриме, одговори премиерот Никола Груевски на новинарско прашање како гледа на владините иницијативи и конкретни чекори во однос на односите со Грција.

Според него, не треба натаму да се дозволи енергијата да се троши на обвинувања и префрлања вина едни на други и затоа, истакна, постојат два начина и тоа едниот е, посочи, вака да се продолжи, на начин кој досега го наметна Грција, а ние бевме затечени и моравме да го прифатиме. Вториот начин, потенцира Груевски, кој би им го препорачал на Грција е ден порано, а не недела порано, да седнеме, да  разговараме, да најдеме решение и да го надминеме овој спор на задоволство на двете страни, се разбира, подвлече, во консултација со граѓаните на Република Македонија на организиран референдум и енергијата да ја насочиме во тој правец.

- Ние не случајно дадовме иницијативи за отворање нови гранични премини, за одбегнвуање на двојното одданочување..., со кои сакаме да почнеме некаков дијалог и да почнат да се прават позитивни работи помеѓу Македонија и Грција, да почне енергијата да се насочува кон нешто што е позитивно. Со тие работи кои ние ги понудивме не може ништо негативно да биде, можат да бидат само од корист на граѓаните на Грција и на граѓаните на Република Македонија. Ако пак другата страна не сака со тие да се почне и сакаат да почнеме исклучиво на решавање на проблемот со името, ние и тоа го прифаќаме. Нека одберат дали сакаат вака или така, во секој случај ние сакаме на некој начин да предизвикаме добра волја од другата страна и позитивна енергија во правец на разрешување на прашањето, надминување на проблемите и продолжување заеднички помагање на едни со други, а не со правење проблеми, изјави премиерот Никола Груевски.