Муртезани и Рокас: Планот за раст и реформите носат конкретна европска перспектива за граѓаните и економијата

Почитуван амбасадоре Рокас,

Почитувани претставници на медиумите,

На почетокот, би сакал да упатам благодарност до евроамбасадорот Михалис Рокас, не само за неговото присуство овде денес, туку и за континуираната поддршка и одличната соработка што ја имаме со Делегацијата на Европската Унија во секојдневната работа на Министерството за европски прашања, вклучително и во процесот на подготовка на овој важен План за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија.

Како што имав прилика вчера да истакнам на работилницата организирана од Министерството за европски прашања, посветена токму на овој План за комуникација и видливост: добро осмислената и спроведена комуникација не е само формален чекор или административна задача. Напротив, комуникацијата е клучот за успешноста на реформите. Јасноста, транспарентноста и разбирливоста се предуслов граѓаните да почувствуваат дека реформите се нивни и дека европската интеграција не е далечен и апстрактен концепт, туку конкретна опиплива можност за подобар живот.

Преку овој План, граѓаните ќе можат јасно да ги согледаат конкретните резултати и ефекти на реформите - од подобрување на деловното окружување и отворање нови работни места, до поголема економска конкурентност и зајакнати демократски институции. На овој начин, Планот не само што ќе ја зголеми видливоста на активностите што ги реализираме со помош на ЕУ, туку и ќе ја засили довербата на граѓаните во реформскиот процес и во самата европска иднина на нашата држава.

Планот за комуникација и видливост, создаден со силна поддршка и во тесна координација со Делегацијата на Европската Унија, претставува стратешки документ. Тој е политичка порака дека Северна Македонија сериозно и одговорно чекори напред кон својата европска иднина. Планот е зацртана смерница и јасна определба за транспарентност, отвореност и одговорност кон сите наши граѓани. За да го постигнеме тоа, овој План има три јасни и важни столбови:

1.      Првиот е лесниот пристап до јасни и точни информации. За таа цел, ќе креираме специјализирана онлајн платформа, која ќе биде централна точка за следење на сите активности, напредок и резултати од реформите. Оваа платформа ќе обезбедува транспарентност и ќе овозможи директна комуникација помеѓу институциите и јавноста.

2.      Вториот елемент е активното вклучување на граѓаните и сите релевантни засегнати страни во процесот на реформите. Преку јавни настани, дискусии и медиумски кампањи, ќе овозможиме двонасочна комуникација што ќе поттикне отворен дијалог и ќе изгради силно партнерство меѓу институциите и граѓаните.

3.      Третиот столб е препознатливоста и конзистентноста во комуникацијата преку единствен визуелен идентитет. Со развој на јасно лого, шема на бои и визуелен бренд, ќе обезбедиме дека секоја активност поврзана со реформите и Планот за раст е лесно препознатлива и ја носи пораката за нашите заеднички европски вредности и цели.

Активностите поврзани со овој План се структуриран во три фази: прво ќе ја градиме свеста за реформите и можностите што ги нуди Планот за раст; второ, ќе ги покажеме конкретните резултати преку успешни приказни на граѓаните, бизнисите и институциите; и конечно, во третата фаза ќе ги оценуваме нашите комуникациски активности и ќе ги прилагодуваме според вашите очекувања и потреби.

Овој План не е само за комуникација и видливост, тој е план за доверба и заедничка европска иднина. Денес, упатуваме јасна порака дека реформите се наш заеднички предизвик и заедничка одговорност. Владата не треба да чекори сама  на европскиот пат, туку заедно со своите граѓани, со силна поддршка и доверба во Европската Унија и со визија која ги надминува моменталните предизвици.

Суштината на овој План е во комуникацијата, разбирањето и внимателното планирање. Нашата цел е не само да информираме, туку и да инспирираме доверба и активно учество на сите во процесот на европска интеграција. Оваа доверба се гради преку јасна и транспарентна комуникација која е разбирлива за сите - од студентите и младите до бизнис заедницата, медиумите и креаторите на политики.