Почитувани,
Денеска одржавме исклучително важен состанок со Советот за странски инвестиции- тело составено од претставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат во Македонија и кои со години ги следат економските политики во земјава.
Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците, но и за потенцијалите што ги нудиме.
Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме.
Затекнавме една тешка слика и реалност која ја менуваме.
Денес имаме економија која расте, индустрија која произведува, извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса тука, дома, во Македонија.
- Реалниот раст на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2025 изнесува 3,2 проценти. Тоа не е случајност- тоа е резултат на стабилни политики и вредна работа;
- Во периодот јануари- мај, извозот е зголемен за 3,15 проценти, додека увозот бележи раст од само 1 процент. Тоа е знак дека стануваме поконкурентни, дека произведуваме повеќе и пласираме повеќе на странските пазари;
- Индустриското производство во мај порасна за 9,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Сè повеќе фабрики работат, сè повеќе линии се пуштаат, сè повеќе работници се враќаат во производните погони;
- Трговскиот дефицит е намален за 80тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал, тука зборуваме за месеците Април и Мај, што е намалување за 13 проценти споредено за истиот период од минатата година;
- И, конечно минатата година имавме странски инвестиции кои што имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра.
Ова е поинаква слика од онаа која ја затекнавме. Некогашната влада не се бореше за инвестиции- се бореше за провизии. Не им отвораа врати на инвеститорите- ги бркаа. Не градеа доверба- градеа шеми за лично профитирање. Резултатот беше економски застој, изгубени шанси и осиромашени граѓани.
Денес, ситуацијата е поинаква.
Подаваме рака и на домашните, и на странските инвеститори. Не само декларативно, туку суштински низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно.
Потполно сум свесен дека граѓаните сеуште живеат тешко и дека недостатокот на пари е присутен. Но промените ќе ги дадат конкретните резултати многу побрзо и ние вложуваме напори тоа да биде час поскоро и посилно, ефектите од ваквиот раст во економијата неминовно ќе се почувствуваат и јас сум сигурен дека се движиме во добра насока.
Можам да најавам дека се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката. Исто така, разговараме со САД за можни царински олеснувања и верувам дека ќе бидеме во групата земји кои што ќе бидат наскоро објавени, кои што ќе имаат услови најповолни за да извезуваат на американскиот пазар.
Сето ова не доаѓа преку ноќ. Но доаѓа тула по тула, бидејќи се градат темелите на промените.
Ние не ветуваме чуда, туку многу работа. Секој ден. За секоја инвестиција, за секое ново работно место, за секој денар повеќе во буџетот, за секој чекор напред на државата.
Ова е времето на реални резултати.
Времето на економски патриотизам.
Ова е времето кога наjдоброто доаѓа.
Ви благодарам.