Фетаи го поздрави конституирањето на Советот за соработка меѓу владата и Граѓанското општество

Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска учествуваше на првата седница на новиот состав на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Со ова, формално заврши повеќегодишниот бојкот на Советот од страна на граѓанските организации, започнат како реакција на непринципиелното распределување на јавните средства од страна на претходната влада.

Во своето обраќање пред членовите на Советот, Заменик претседателот Фетаи го потенцираше клучното место на граѓанскиот сектор како чувар на демократијата и како конструктивен партнер во креирањето подобри јавни политики.

„Граѓанското општество не е декор на демократијата, туку нејзин активен супервизор – гласот што предупредува кога се јавуваат појави како што се корупцијата и неправдата“, истакна Фетаи.

Тој додаде дека Владата има обврска не само да слуша, туку и да дејствува.

„Демократијата е континуиран процес на самокорекција. Вашата улога е суштинска во тој процес, а нашата должност е да го поддржиме тоа учество“, рече тој.

Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор, Фетаи ги наведе ограничениот пристап до фондови, отсуството на системска поддршка и недоволно функционалната правна рамка.

„Знам што значи да се бараат фондови, да се известува детално за проектите и да се комуницира со институции кои често не нè разбираат“, рече Фетаи, додавајќи дека добро организирано и поддржано граѓанско општество има моќ да придонесе за суштински општествени промени.

Во таа насока, тој ја нагласи искрената намера на Владата да воспостави суштинска соработка со невладиниот сектор, посочувајќи ја неодамнешната одлука за вклучување на претставник од граѓанскиот сектор со право на глас во Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата.