Дурмиши на меѓународна конференција во Будва: Нашата цел е да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот

Нашата земја ги гледа мигрантите не само како работна сила, туку како носители на знаење, искуство, културна размена и економски потенцијал. Регулираното вклучување на странски работници придонесува кон подигнување на продуктивноста, развојот на трудоинтензивни индустрии и стабилизирање на вработеноста, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на регионалната конференција за трудова миграција што се одржува во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграции (IOM) и партнерските институции од регионот.
Министерот Дурмиши имаше свое обраќање на панел дискусијата на која со колегите од регионот се дискутираше за регионалните перспективи за миграцијата на работна сила во Западен Балкан
„За трудовата миграција да биде успешна, таа мора да биде придружена со социјални и интеграциски политики. Тоа значи заштита на работничките права, борба против дискриминација, почитување на културните разлики и обезбедување еднаков пристап до информации и институции“ кажа министерот и додаде дека во Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, се обезбедува стабилен и јасен правен механизам, преку кој странските работници можат да се вклучат во економијата на нашата држава, секогаш во согласност со домашните потреби и стандарди. Законот предвидува утврдување на годишна квота за работни дозволи, која не смее да надминува 5% од вкупно вработеното население во земјата. 
„За 2025 година, Владата на Република Северна утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци. Оваа бројка е резултат на внимателна анализа на состојбата на пазарот на труд и изразените потреби од работна сила во различни сектори“ кажа Дурмиши и потенцираше дека системот е прецизен, транспарентен и ја почитува домашната работна сила, истовремено отстапувајќи простор за пополнување на дефицитарните профили со квалификувани странски работници. 
Според министерот заложбата на Владата е да се создаде амбиент каде што секој што легално живее и работи во нашата земја ќе се чувствува безбедно, почитувано и поддржано. 
“Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија “ заклучи министерот Дурмиши.