Почитувани претставници на компанијата „Шахтерм“,
Почитуван амбасадоре на Република Турција,
Почитувани министри,
Почитувани претставници на владините институции,
Почитувани директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони,
Ценети гости,
Драги сограѓани,
Денес, поставуваме камен-темелник на нова фабрика која претставува надеж и нов почеток.
Инвестицијата на компанијата „Шахтерм“ само во прва фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е инвестиција да изнесува 50 милиони евра и бројот на вработени се планира да биде над 500.
Ова е проект што не само што ја развива економијата, туку и ја потврдува стабилноста и напредокот на нашата земја, со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз.
Последните економски показатели се охрабрувачки:
Индустриското производството во март 2025 година е пораснато за 5,2% на годишно ниво споредено со март 2024 година. Странските директни инвестиции за 2024 година достигнаа 1,255 милијарди евра, со што ја направија Македонија земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа.
Инфлацијата во март месец е под 3%, 2,7%, а во април е 2,6% на годишно ниво.
Платите растат од 9 до 10% на годишно ниво, што е знак дека се бориме против сиромаштијата и сме за зголемување на животниот стандард на нашите граѓани.
Во првиот квартал од 2025 година имаме раст на кредитната активност на бизнисите и граѓаните од 13% коишто е за 6 пати повеќе од оној којшто е во рамките на Европската Унија.
И можам да заклучам со сите овие економски показатели, параметри Македонија е на добар пат да биде во најбрзо растечките економии во Европа.
Владата дава максимални напори, и покрај хаосот кој го затекна, секој ден се бориме за секој човек и неговата иднина.
Посебна благодарност и признание упатувам до Гоце Димовски, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, до неговата екселенција амбасадорот на Република Турција во Македонија, до членовите на Владата и на сите институции за нивната посветеност, професионалност и огромен придонес во реализирањето на овој проект.
Сакам да се заблагодарам и на сопственикот на компанијата „Шахтерм“, инвеститор во овој преубав објект коишто за неколку месеци од денес ќе биде реалност, затоа што ја препозна нашата земја како дестинација во којашто може да го развива својот бизнис и заедно да освојуваме нови пазари и нови континенти.
Денес поставуваме камен-темелник не само на една фабрика, туку и на нова иднина.
За Македонија која работи, се развива и напредува. Ви благодарам.