Во рамки на учеството на Економскиот бизнис форум во Сараево, министерот за економија, Бесар Дурмиши, оствари билатерална средба со неговата екселенција Абдулазиз Алсакран, заменик-гувернер за меѓународни односи при Генералниот орган за надворешна трговија на Кралството Саудиска Арабија (GAFT).
Средбата се одвиваше во конструктивна атмосфера и претставуваше значаен чекор кон зајакнување на економските односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Саудиска Арабија. Двете страни ја потврдија заедничката заложба за зголемување на трговската размена, која во моментот изнесува 44 милиони американски долари, со цел надминување на овој износ преку нови иницијативи и стратешки инвестиции.
Во текот на разговорот беа разгледани следните теми:
Организирање на заеднички бизнис-форуми и меѓусебни посети на економски делегации;
Можности за саудиски инвестиции во стратешки сектори за економски развој, како што се агрокултурата, туризмот и одржливите инфраструктурни проекти;
Развој на Ски-центарот Кodra e Diellit – Тетово, како клучен проект за развој на планинскиот туризам и регионалниот развој;
Поддршка за халал сертификација на домашните производи, како конкретен чекор за зголемување на извозот и диверзификација на целните пазари.
Министерот истакна дека економијата на Северна Македонија има значаен потенцијал, и со стратешки партнери како Кралството Саудиска Арабија, тој потенцијал може да се претвори во конкретни проекти кои ќе донесат развој, вработување и просперитет за државата.