Навистина е привилегија и чест да се биде тука со делегацијата од македонската влада. Денеска со мене е вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, министерката за образование и наука, директорот на железници, советник од кабинетот на премиерот и претставници од мојот кабинет и навистина сме почестени што, не само што сме во Лондон и во Министерството за трговија и бизнис, туку и во оваа историска просторија, “Черчиловата соба”. Сметам дека тоа е навистина силен знак и сигнал за нашето партнерство, привилегија е да се биде токму во оваа просторија и да се потпише меѓувладиниот договор токму во оваа просторија.
Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Денес потпишуваме Договор Влада со Влада за развојни-инфраструктурни проекти во клучни сектори, како што се: транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори кои што ќе ги развиваме, тука е здравството, но и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период. Навистина сме благодарни што Обединетото Кралство, со својот Инструмент за поддршка на надворешно финансирање, постави рамка од 5 милијарди фунти, што е најголемиот договор што Македонија го потпишала во својата историја во однос на економијата. Навистина сме благодарни за тоа и ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои што се подготвени. Тоа е проектот за брзата железница на Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование, за Медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, но и други проекти секако.
Она што е уште поважно за нас е дека ќе го искористиме искуството, но и најдобрата експертиза од британската јавна администрација, како и британскиот бизнис сектор, со што нашата администрација и нашиот бизнис сектор ќе дојдат до едно сосема ново ниво. Би сакал да ви се заблагодарам министре лично, за ангажманите од изминатите месеци, да се заблагодарам на Владата на Обединетото Кралство, како и на премиерот Стармер, кој што го сретнавме минатата недела. Навистина со нетрпение го очекуваме потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство и заедно со овие два договори, ние ќе воспоставиме сосема нови односи помеѓу нашите две држави. Ние сме сојузници во НАТО, но овие билатерални договори ќе не одведат на сосема ново ниво од нашата соработка и навистина сум благодарен што сме правата земја што потпишува ваков тип на договор”-изјави вицепремиерот Николоски по потпишувањето.