Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески е предводник на македонската делегација која учествува на Четвртиот саем за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа за размена на стоки и трговија (China-CEEC Expo 2025), која од 22 до 25 мај се одржува во градот Нингбо.
Покрај Ристески, македонската делегација е составена со претставници од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и 14 македонски компании кои учествуваат на саемот.
Саемот China-CEEC Expo 2025 годинава се одржува со насловот „Нова визија за иднината“, во неговите рамки ќе се одржат повеќе од 100 посебни настани, а целта е развивање на трговската соработката помеѓу Кина и државите од Централна и Источна Европа, како и презентирање на можностите за инвестирање.
Во рамки на посетата Ристески оствари средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, г-дин Линг Џи (Ling Ji), каде разговараа за досегашната економска соработка помеѓу двете држави.
Заменик-министрите се согласија дека економската соработката помеѓу двете земји е на високо ниво и дека постои голем потенцијал и можности за проширување на истата. Тие се заложија дека активно ќе работат во насока на зајакнување на комуникацијата за стабилен развој на економските и трговските односи помеѓу двете држави.
Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕК) постои од 2012 година и досега даде одлични резултати, а на последните три саеми повеќе од 3.000 компании од ЦЕИ ги претставија нивните производи.