Соопштение за средба со мастер и докторски студенти од Харвард во МОЗ

По повод посетата на група составена од 30 мастер и докторски студенти од Харвард во рамки на иницијативата Балкан Трек, денеска во просториите на Министерството за односи меѓу заедниците се одржа настан, на кој присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и претставници од оваа престижна образовна инститција. Меѓу гостите од Харвард се најде и Македонецот Лука Павиќевиќ.
Балкан Трек, инаку е иницијатива во чии рамки студентите од Харвард се запознаваат со политичката и економска ситуација во одредени региони, со главен фокус на луѓе, проекти и идеи кои ја сочинуваат иднината на истиот. 
„Како Министерство за односи меѓу заедниците, нашата визија и мисија се насочени кон ефективно и целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој претставува темел за стабилноста на државата, хармоничен развој на општеството и почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани. Свесни сме дека токму преку меѓународна соработка и отворени дијалози можеме да ја подигнеме свеста за значењето на културната разновидност. Верувам дека ваквите средби се можност не само да се запознаете со нашата работа, туку и да придонесат за нови идеи, мотивација и конкретни резултати во иднина. Искрено се надевам дека оваа посета ќе биде само почеток на едно трајно пријателство – бидејќи добрите односи се темел на сè“, рече во своето обраќање заменик-претседателот во Владата на РСМ и министер Иван Стоилковиќ.
Иницијативата за посета на Западен Балкан, вклучително и Македонија, ја поздрави и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека искрено се надева и очекува оти во иднина токму овие студенти, како нови генерации дипломати, економисти, политичари, ќе соработуваат со лидерите во нашата земја, ќе градат добри односи и заедно ќе водат грижа за светот да се развива во подобро место за живеење.
„Добро е да знаете каков сме ние пријателски народ тука. Верувам дека Лука, како македонски студент на Харвард ве запознал со нашата култура, традиција, обичаи, политики на државата... Да знаете колкава е нашата желба да се интегрираме во глобалниот развиен свет. И да не нé заборавите, кога ќе бидете на позиција од која ќе можете да помагате“, порача министерката Јаневска.