Мицкоски: Владата ќе продолжи со поддршка на влашкиот јазик, културните манифестации и книжевноста

Денес, стојам овде пред вас со длабока почит, одговорност и чувство на благодарност. Благодарност кон една заедница која со векови е дел од срцето на оваа земја, која со својата истрајност, трудољубивост и љубов кон татковината оставила неизбришлива трага во нашата историја, култура и идентитет, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешниот настан по повод 23 мај, денот на влашката заедница.

Премиерот Мицкоски посочи дека влашката заедница е нераскинлив дел од македонската државност.

Денес е 23 Мај – денот кога ја славиме влашката заедница како нераскинлив дел од македонската државност. Денот кога не само што оддаваме признание, туку и си ветуваме: дека никогаш нема да ја заборавиме вредноста што Власите ја имаат за оваа земја, истакна тој и додаде:

Историјата на Власите во Македонија е историја на достоинство. Историја на луѓе кои, и кога било најтешко, не се повлекле. Историја на луѓе кои секогаш работеле – за своите емејство, за својата заедница, и за Македонија.

Не смееме да заборавиме и на улогата на Власите во прогласувањето на Крушевската Република. Не смееме да ја спомнуваме борбата за слобода без да го изговориме со почит името Питу Гули. Не смееме да го игнорираме огромниот придонес на влашките интелектуалци, уметници, просветители. Денес и понатаму, тие се присутни во науката, уметноста, медицината, правото, образованието.

Благодариме за сè што сте вложиле во оваа земја. Благодариме за тоа што, во времиња на промени, на кризи, на неправди, вие не се откажавте. Останавте и продолживте – со достоинство, со трпение, со љубов.

Мицкоски рече дека Власите со својата истрајност, се пример како се чува идентитет без да се затвори срцето.

Живееме во време на тешкотии. Време кога економијата се бори со глобални притисоци. Кога социјалната правда сè уште не ја достигнува секоја фамилија. Кога младите често бараат шанса во туѓина. Кога недовербата, поделбите, разочарувањата го разјадуваат ткивото на нашето општество.

Но токму во вакви времиња, се покажува силата на еден народ. Се покажува кои сме – не по имиња, туку по карактер. Не по декларации, туку по дела.

Власите, со својата истрајност, се пример како се чува идентитет без да се затвори срцето. Пример како се сака Македонија без да се заборави својата посебност. Пример како се живее во заедништво, а не во поделба.

Време е сите заедно – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци – да го направиме следниот чекор. Да создадеме општество што не само што зборува за еднаквост, туку ја живее. Да создадеме држава во која секој граѓанин – без разлика на јазикот, религијата или етничката припадност – ќе се чувствува свој на своето, вели Мицкоски.

Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со поддршка на влашкиот јазик, поддршка на културните манифестации и книжевноста

Власите со векови живеат со другите – не покрај, туку заедно. Тоа е училиште за соживот. Тоа е модел кој денес на сите ни треба.

И затоа, како Влада, кажуваме јасно:

– Ќе продолжиме со поддршка на наставата на влашки јазик.

– Ќе ги помагаме културните манифестации и книжевноста.

– Ќе вложуваме во младите Власи – нивното образование, нивните идеи, изјави тој.

Премиерот Мицкоски нагласи дека Власите се составен дел од ова општество и додаде дека секој јазик е мост, а секоја традиција богатство.

Да се бориме заедно за заеднички живот и заеднички победи.

Власите се составен дел од ова општество. Вашиот глас е потребен. Вашата приказна е заедничка приказна. Вашите обичаи се наше културно наследство.

Секој јазик е мост. Секоја традиција е богатство. И тоа го знаеме и чувствуваме денес, гледајќи како се веат и македонското и влашкото знаме – не еден спроти друг, туку еден покрај друг. Тоа е Македонија што ја сакаме!

Затоа, денес од ова место упатувам порака до сите:

Да не дозволиме да нè разделат!

Да не дозволиме да се заборави кој сме и што сме.

Да не дозволиме ниту еден граѓанин, ниту еден млад човек, да се чувствува како туѓ во сопствената земја.

Младите Власи – вашето место е тука. Вашите идеи, вашите соништа, вашата енергија – и тоа како ни се потребни. Помогнете ни да ја изградиме Македонија што ќе остане, не само за нас – туку и за идните генерации, заврши Мицкоски.