Денес во Собранието на Република Македонија се одржа Надзорна расправа на собраниската комисија за здравство на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“, каде што свое излагање имаше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
На прашање на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Грација Бакраческа, дали во периодот од денес до следните 9 години, се очекува да има подобрување во квалитетот на воздухот, се прави не нешто за заштита на децата, најранливите категории, претседателот на владата посочи дека сите мерки и проекти кои претходно беа споменати не може да одвојат на посебни категории на граѓани, туку ги опфаќаат сите.
Сите мерки за кои што претходно зборувавме не исклучуваат поедини наши граѓани, се разбира дека и во таа насока се и најранливите категории на деца и болни ќе имаат ефект. Не можеме ние сега парцијално да ги гледаме работите, мораме како целина овие мерки кои што ги презема владата да ги гледаме.
Во одговорот на прашањето на пратеничката Бакраческа, Претседателот на владата Мицкоски повторно изрази жалење дека со децении на оваа тема, и овој проблем ништо не е направено, туку се користела само една обична гола реторика, како што тој смета, дека истата мора да престане и да почнат да се прават работите како што треба.
И ќе повторам, не е само воздухот, зборуваме за почиста, и позелена и поздрава животна средина. Тоа значи, да немаме диви депонии, секое домаќинство да има достапност до питка вода за пиење, да имаме организиран систем за одведување на отпадните води. Така што сето ова е причинител, сето ова се проблеми со кои ние мора да се соочуваме. Само 11% од територијата е покриена со организирање на отпадните води, ќе ви стане јасно за што зборувам, заклучи премиерот Мицкоски.