Министерот Тодоров се сретна со словенечкиот колега Томаж Гантар

Министерот за здравство Никола Тодоров, во рамки на дводневната посета на Република Словенија, денеска оствари работна средба со словенечкиот министер за здравство Томаж Гантар. На средбата било истакнато дека размената на искуства и знаење меѓу здравствените  институции и експерти од Македонија и Словенија ќе придонесат за натамошно унапредувањето на здравствени системи на двете земји.
 
Тодоров и Гантар разговарале за можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји на полето на здравството, со посебен акцент на можноста за остручување кадри за дефицитарни струки и специјалности, кои се дел од Програмата на Министерството за здравство за дообучување соодветен специјалистички кадар од македонските болници во реномирани медицински центри во странство.
 
Од страна на словенечкиот министер, меѓу другото, била искажана и отворена поддршка за размената на кадри во правец на континуирана медицинска едукација, размена на искуства и знаење, заедничко изведување на одредени оперативни постапки, како и други форми за непосредна соработка помеѓу клиниките во Македонија и соодветните установи во Словенија.
  
Министерот Тодоров, како што соопшти Министерството за здравство, го посетил и Клиничкиот центар во Љубљана, каде остварил работна средба со раководството на оваа здравствена установа.