Азизи: Младите во фокусот на Оперативниот план за вработување за 2025 година

Почитувани новинари,

Почитувани граѓани,

Добро ни дојдовте на денешната прес-конференција.

Денес официјално го објавуваме јавниот повик за мерката 1.1 и мерката 1.2, кои се дел од Оперативниот план за вработување за 2025 година, една од најголемите програми за економска поддршка на граѓаните.

Овој план се потпира на рекорден буџет од 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе од минатата година, и претставува најамбициозна инвестиција на Владата на Република Северна Македонија во областа на вработувањето и социоекономскиот развој.

Јавните повици што денес се отвораат имаат за цел да ја поддржат самовработеноста, овозможувајќи им на граѓаните да отворат нови бизниси, да изградат нешто свое и да преземат конкретни чекори кон своето економско зајакнување. 

Нашиот фокус се младите кои бараат шанса да ја изградат својата иднина, семејствата кои тежнеат кон економска стабилност, новите претприемачи кои имаат идеи но немаат поддршка, како и невработените и корисниците на социјална помош, кои имаат потреба од реална можност за вклучување на пазарот на труд.

Оперативниот план 2025 година не претставува само бројки. Над 16.000 граѓани директно ќе бидат опфатени, и секој од нив е посебен случај, особено посебна приказна што заслужува простор за развој и пред сè, заслужена поддршка.

Она што го правиме не се апстрактни мерки – туку конкретни активности кон поправеден и поинклузивен пазар на трудот.

Морам да нагласам дека како Влада, остануваме силно посветени младите да бидат во фокусот на нашите политики затоа што тие се најперспективната енергија на оваа земја. Постојано инвестираме во мерки кои ја поттикнуваат самовработеноста, развојот на вештини и претприемништвото, затоа што веруваме дека секоја поддржана идеја денес е уште една можност за развој утре.