Мицкоски: Од денес е пуштен во употреба патот од Охрид до Св. Наум во вредност од 11,7 милиони евра

Драги охриѓани,

Дами и господа,

Денес, овде од брегот на Охридското Езеро, испраќаме силна и јасна порака- Македонија се гради.

Го пуштаме во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум- пат кој беше заборавен. Пат кој го заслужуваше Охрид, го заслужуваа граѓаните, туристите. И сега, конечно, го добиваме.

Со инвестиција од 11,7 милиони евра, реконструиравме 24,3 километри современ магистрален пат. Реконструкцијата опфати целосна санација на коловозот, поставување нова на сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Направени се и заштитни интервенции на ризичните косини- и сето тоа е со една цел: безбедност, сигурност и долготрајност.

Но ова денес не е само пуштање на пат. Ова е уште една потврда за определбата на Владата- да се гради, без многу врева. Без партиски и бизнис спектакли. Со план, со јасна визија и многу работа.

Во моментов, паралелно се градат неколку клучни патни правци. Автопатот Кичево- Охрид силно се забрзува, делниците Тетово - Гостивар и Гостивар - Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани- Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во Западна Македонија. И  тука не застануваме.

Нашата стратегија е јасна- инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата. Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство. Кога сме кај туризмот, сакам да кажам дека во оваа година април месец е успешен со повеќе од 20% поголем број на странски туристи споредено со минатата година во Април, а истото тоа и во првите четири месеци од годината споредено со првите четири месеци од минатата година. Исто така и бројот на преноќувања во првите четири месеци посебно во Април е повторно со 20тина % поголем со оној кој што беше за минатата година истиот период.

Овој пат, што денес го пуштаме, не поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот - манастирскиот комплекс Св. Наум. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од Охридското крајбрежје. И не само тоа- тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија.

Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација. Го поврзавме со светот преку нови авио линии, преку Истанбул, Меминген, Виена, Белград. Денес, преку обновени патишта, овозможуваме да дише слободно и да се развива како што му прилега.

Почитувани пријатели,

Ова не е политика на ветувања, туку политика на испорака.

Граѓаните гледаат резултати- не нацртани проекти, туку изведени, пуштени и функционални.

Татковината се гради таму каде што, за жал пред нас беше пустош, застој и многу корупција.

Додека некои зборуваа, ветуваа, ние изградивме патишта, проекти, доверба.

Ние не пуштаме само пат- пуштаме патека кон иднината.

Ова е Македонија која се движи напред. Тивко, упорно и со резултати.

Татковина која ја градиме со труд, чесност и одговорност.

И тоа го правиме за секој човек, за секое дете, за секој граѓанин.

Охрид заслужува. Македонија заслужува.

А ние сме тука- да го изградиме тоа што долго беше запоставено.

Со работа. Ќе повторам, без многу галама. Без бучава. Без привилегирани. Со срце и визија.

Нека е со среќа, и нека служи на доброто на сите граѓани!

Бог да ја благослови Македонија.

Ви благодарам