Вицепремиерот Арбен Фетаи се обрати на Конференцијата по повод Денот на јавните службеници и јавните услуги

Заменик-претседателот на Владата, Арбен Фетаи, учествуваше на конференцијата по повод Одбележувањето на Денот на јавните службеници и јавните услуги, организирана од Министерството за јавна администрација.

Во своето обраќање, Фетаи изјави дека јавните службеници се лицето на институциите, и потсети дека нивниот професионализам, етика и однесување ја дефинираат довербата што граѓаните ја имаат во институциите.

„Ова е ден кога целата јавност треба да се потсети дека службата во јавниот сектор е чест, но и одговорност. Одговорност е да се биде коректен, пристапен, ефикасен и пред сè чесен“, рече Фетаи.

Заменик-претседателот на Владата нагласи дека изградбата на професионална и чесна администрација останува клучна цел за Владата.

„Нашата цел е заедничка и јасна – да изградиме јавна администрација која работи професионално, транспарентно, ефикасно, чесно и во служба на граѓаните. Администрација што е имуна на притисоци, злоупотреби и корупција“, изјави Фетаи.