Трипуновски со отчет за сработеното: Ги градиме темелите на промените - Македонија земја партнер на земјоделците

Почитувани,

За една година Влада реализиравме голем број на проекти, решивме крупни проблеми, воспоставивме систем на соработка, изградиме партнерство со земјоделците и нормално ја вративме довербата на земјоделците кон институциите.

Периодот од една година не е доволен за реализација на се она коешто е ветено, но е значаен прогрес во делот на она што е направено и изградено во една година, а кое што е во интерес на сите земјоделци во државата.

Морам да истакнам дека наследивме хаотична состојба, неисплатени субвенции, неисплатени плати, закочени проекти, катастрофални откупни цени и разочарани земјоделци, комплицирани процедури и бирократија, целосно запуштени и руинирани канали за наводнување на целата територија, со еден збор наследивме распаднат систем и алармантна состојба, во која моравме брзо да реагираме.

Преку конкретни мерки и чекори за една година Влада успеавме од деградирани, разочарани и незадоволни земјоделци да го вратиме нивното достоинство и да го вреднуваме нивниот труд, онака како што заслужуваат.

Исплативме над 9 милијарди денари заостанати и тековни субвенции на над 70.000 земјоделци. Со ова покажуваме дека земјоделците имаат партнер во оваа Влада и ќе можат да се подготват и да го планираат своето производство, со што се придонесува за зголемено производство на земјоделските производи.

Донесовме интервентни мерки со кои што им помогнавме на земјоделците.

Дополнителни субвенции за производители на слива, 5 денари по килограм.

Дополнителни 3 денари за предадена килограм пченица од минатата реколта.

За оризопроизводителите дополнителни 6 денари за откупена килограм оризова арпа од реколтата 2024-та.

Зголемување за 100 проценти на субвенциите за производителите на јачмен, односно од постоечките 6.000 на 12.000 денари по хектар.

Се усвои Програмата за дополнување на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви, ова е од исклучителна важност за она што државата ќе ги полни стоковните резерви со домашно производство. Тука пред се мислам на оризовата арпа и на пченицата.

Во делот на тутунот би истакнал дека во соработка со откупувачите на тутун, заедно со Владата успеавме да ја зголемиме откупната цена од 375 на 400 денари, додека субвенцијата од 80 ја зголемивме на 100 денари. Со што се постигна највисока откупна цена заедно со субвенцијата во историјата на тутунопроизводството во Македонија.

Вредноста на оваа зголемена субвенција и откупна цена резултираше извозната цена да биде зголемена за околу 4,5 милијарди денари.

Со ова, покрај финансиската добивка, кај производството на тутун резултираше и со зголемување на површината на засаден тутун за реколта 2025 година, споредбено со ланската 2024-та. Односно ако во 2024 година имало околу 12.959 ха, денес 2025 година имаме површина од 14.475 ха засаден тутун, што е значаен прогрес во делот на тутунопроизводството.

Радува фактот што, после многу години, имаме зголемување и во површините на јачмен и пченица.

За прв пат во историјата утврдивме производна цена, со што се постигнаа највисоки откупни цени за двете најзастапени вински сорти грозје, која во 2024 година за: Вранец изнесуваше 20,8 денари за килограм, а за Смедеревка 18,3 денари за килограм.

Во завршна фаза е утврдувањето на производната цена за реколта 2025 година, што верувам дека и оваа година лозарите ќе бидат уште позадоволни од минатата година.

Според податоците на Државниот завод за статистика бележиме раст во делот на откупот и продажбата на земјоделските производи, но исто така  бележиме раст во делот на извозот на земјоделските производи.

Споредбено првиот квартал 2024-та со првиот квартал 2025-та година имаме приближен раст од скоро 5%.

Во делот на производството на јаболко според податоците кои ги имаме, можам да соопштам дека околу 13.000 тони македонско јаболко е извезено во првите два месецa оваа година. Што значи споредбено со 2024 година, имаме зголемување за 82%, односно од 2 на 5 милиони евра од извоз на само оваа култура.

Во однос на пролетната зелка имавме одлична цена во делот на пласманот што одамна се нема случено во струмичкиот регион.

Цената на пролетната зелка не падна под 35 денари, додека просекот на цената на откупената зелка од целата реколта изнесуваше 43 денари за килограм.

За оваа реколта се очекува некаде околу 40.000 тони род. Во струмичкиот регион влегоа околу 30 милиони евра од извозот на само една градинарска култура.

Во однос на распределбата на земјоделското земјиште можам да кажам дека за разлика од минатото, сега истото се дава на обработка на вистинските земјоделци кои што вистински сакаат да го обработуваат и да го егзистираат од земјоделството.

Склучивме над 2.100 договори за површина од 5.942 хектари на целата територија на државата.

Со ребалансот на буџетот, уште на почетокот на мандатот, обезбедивме дополнителни 250 милиони денари за плати во ЈП Национални шуми и 100 милиони денари за плати во АД Водостопанство.

Со цел да се исплатат заостанатите плати кои што ги наследивме од претходната Влада, знаете дека имаа задоцнување од неколку месеци, вработените беа оставени без оние основни средства.

Обезбедивме дополнителни 132 милиони денари за обнова на инфраструктурата за наводнување и одводнување, со што е опфатена целата територија. Овие средства се дополнителни средства обезбедени преку Програмата за земјоделство и рурален развој, покрај Програмата за водостопанство која што изнесува над 7 милиони евра.

Во интерес на земјоделците и наводнувањето на земјоделските површини воспоставивме проектна единица-Наводнување на Македонија, која што морам да потсетам дека со наследувањето на Владата, оваа проектна единица беше комплетно нефункционална, недоекипирана и

имаше многу мал процент на реализација на проектните активности.

Денеска имаме вода во секоја една нива на ниво на целата држава.

Дополнително, распишавме јавен повик за мерката 112 – односно „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, со доделување на грант од 10.000 евра по корисник.

Оваа мерка е клучна за обезбедување на генерациска смена во земјоделството. Работиме младите да се вратат во руралните средини и да започнат да се занимаваат со земјоделство.

Распишавме 4 јавни повици за мерката 121 – односно „Модернизација на земјоделските стопанства“, со максимална поддршка од 600.000 денари по корисник за набавка на трактори, приклучна механизација и друга опрема, продажба од куќен праг, инвестиции во опрема за производство на вино, алкохолни пијалоци и пиво од мал обем и сл.

Беше објавен јавен повик за доставување на барања за финансиска поддршка од ИПАРД програмата за мерката 7 - Диверзификација на фарми и развој на бизниси.

На почетокот на оваа година исто така беше објавен јавниот повик за мерка 1 – Инвестиции во основни средства за земјоделски стопанства.

Почитувани,

Владата, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува и научно-образовните институции, за таа цел обезбедивме поддршка од 61.500.000 денари за: Научниот институт за тутун – Прилеп; Институтот за сточарство и рибарство, ФЗНХ, како и со Универзитетот во Тетово.

Поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не запира тука:

Ги поддржуваме и локалните манифестации и саеми, за таа цел на 56 здруженија во 2024 година им доделивме договори за поддршка на организирање на локални настани и саеми во вредност од 6.6 милиони денари.

Во 2025 година на 54 здруженија во 2025 година им доделивме поддршка во износ од 10.9 милиони денари.

Со ова продолжуваме да ги поддржуваме манифестациите кои што значат развој на локалниот туризам и промоција на македонските земјоделски производи и преработки.

Со 28 корисници на дивечот склучивме 67 договори за одгледување и заштита на дивечот во ловиштата.

Го прифативме барањето на независниот синдикат за признавање на бенефицираниот стаж на припадниците на шумска полиција, превзедовме кокретни мерки и чекори, многу скоро од денеска оваа пресметка ќе стапи на сила. Во моментов, етапно ги решаваме нивните барања за подобрување на условите за работа и доекипирање на персонал и професионализам.

За една година успеавме да отвориме неколку подрачни единици и канцеларии ширум државата и тоа во: Босилово, Ново Село, Јегуновце, Росоман, Могила, Новаци. Ќе продолжиме да отвораме и во другите помали општини со цел Министерството да биде поблиску до секој еден земјоделец.

Ја намаливме бирократијата и непотребните чекања, за разлика од претходно, сега само еднаш во годината земјоделците имаат обврска да го пријават своето производство и да користат субвенции од Министерството.

Во соработка со Светската банка направивме реконструкција на проектот „Модернизација на земјоделството“ со што за проектот кој требаше да заврши на 30.06.2025 година, а прогресот по истиот беше многу мал, го ставивме во функција, ги раздвиживме активностите и го продолживме рокот се со цел да работиме повеќе за да се заврши проектот.

Проектот вклучува изградба на откупно-дистрибутивен центар во Струмица, изградба на логистичко-дистрибутивен центар во Гази Баба, модернизација на условите за работа во Платежната агенција, изработка на софтверски решенија кои што ќе бидат во корист на Министерството односно на земјоделците.

ИШИС е интегрирана модерна дигитална платформа за следење на тековите на дрвната маса, управување со планирањето на шумите и борба против нелегална сеча.

Каде меѓудругото, една од поважните иновации е воведувањето на електронска испратница за следење на тековите на дрвната маса за да се спречат злоупотребите кои што се случувале во минатото.

Се донесоа измени на повеќе закони, како што е Законот за шумите, Законот за земјоделското земјиште, Законот за дивеч и ловство, Законот за фитофармација.

Се спроведе анализа на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој и во подготовка е ревизија на истата стратегија.

Се изработи и нов предлог Закон за земјоделство и рурален развој, за кој во изминатиот период се одржа јавна расправа. Заедно со земјоделците, земјоделските задруги и научната фела ќе изградиме цврст темел за развој на земјоделството, бидејќи токму во овој Закон таму се дефинираат насоките по кои ќе треба да се движи земјоделскиот сектор во Македонија.

Нашата заложба е да креираме мерки и политики кои ќе го придвижат земјоделскиот сектор во вистинска насока, да станеме земја којашто ќе го зголеми производството на храна, ќе го зголемиме извозот на земјоделски производи, но и да се храниме со наши земјоделски производи.

Преку измена и отстранување на законските пречки, го откочивме и процесот за издавање на лиценци за работа на земјоделски аптеки и доделивме над 350 лиценци на граѓани кои ги стекнаа по положениот испит од областа на фитофармација

Го изготвивме и презентиравме преку одржување на повеќе јавни расправи  Националниот акциски план за одржлива употреба на фитофармацевтските производи.

Почитувани,

На крај, сакам да истакнам дека неоснованите и бледи критики и обвинувања од опозицијата, не нè спречија да го исполниме она коешто го ветивме пред граѓаните и земјоделците, за кое добивме огромна поддршка од граѓаните.

Продолжуваме да работиме чесно и одговорно.

За Македонија во која ќе се вреднува посветениот труд на македонскиот земјоделец и ќе се плати истиот.

За Македонија земја партнер на земјоделците, за силен и одржлив земјоделски сектор за идните генерации.

Продолжуваме да ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа.