Министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, денеска се обрати на панелот „Влијание и справување со предизвиците на демографските трендови“, во рамки на настанот посветен на демографијата како стратешко прашање за иднината на земјата.
Министерот Дурмиши истакна дека демографските трендови – како што се намалувањето на наталитетот, иселувањето на младите и стареењето на населението – се економска реалност што бара системски пристап и долгорочни решенија.
„Нашиот одговор не е декларативен, туку конкретен, проактивен и темелен на реални податоци и потреби. Преку инвестиции во човечки капитал, активни мерки за вработување и поддршка на локалниот економски развој, ја градиме економијата на иднината“, рече министерот.
Како дел од економските политики што директно одговараат на демографските предизвици, министерот го истакна Оперативниот план за вработување за 2025 година, во вредност од 40 милиони евра, преку кој се поддржуваат над 10.000 граѓани со обуки, практикантства, самовработување и грантови за младите претприемачи. Посебен фокус има врз регионите кои се демографски најзагрозени.
„Само со силни локални економии можеме да го ублажиме ефектот на миграциите и да ги задржиме младите во своите заедници. Наша обврска е да обезбедиме еднакви можности за сите – независно каде живеат“, порача Дурмиши.
Министерот повика на заедничка акција и поширока општествена коалиција – меѓу институциите, бизнис-секторот, академијата и граѓанските организации – со цел градење економија што ќе одговара на реалноста, но и ќе ја менува на подобро.