Премиерот Груевски го осуди терористичкиот напад врз израелските туристи и изрази сочувство до Нетанјаху

Ваша Екселенцијо, почитуван колега Нетанјаху,

Длабоко ме потресе веста за грозоморниот терористички напад во Бугарија во кој животот го загубија и настрадаа повеќе граѓани на Израел.

Иако во овие тешки мигови на шок и национална жалост не постојат зборови кои можат да ја намалат болката, сепак, како што нашиот народ умее да каже: “Споделена тага е помала тага“, и затоа дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин.

Веста за нападот ја вознемири македонска јавност. Тероризмот уште еднаш покажа дека не бира место, ниту пак жртви, за да ги постигне своите цели. Граѓаните на Македонија искрено сочувствуваат со болката на израелскиот народ и семејствата кои ги загубија своите најмили во овој безмилосен напад.

Нашите мисли и молитви се со Вас.

Никола ГРУЕВСКИ