Ѓорѓиев: Земјоделците ќе ги легализираат своите трактори и механизација

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Земјоделството и задоволувањето на интересот на земјоделците е темелна определба на Владата. Системскиот пристап, кој е комбинација од субвенции, распределба на земја, кофинансирање на набавка на механизација, намален данок за земјоделски производи, се надополнува и со мерки кои самите земјоделци ги бараат, како што е легализација на тракторите и земјоделската механизација, што беше голем децениски проблем на земјоделците, а Владата го прифати нивното барање и го реши.

Владата на минатата седница усвои закон со кој се овозможува легализација на тракторите, приколките и другата земјоделската механизација. Исполнувањето на ова ветување значи дека земјоделците решаваат еден голем проблем, добиваат нова и легална вредност и можности за користење на таа вредност и капитал за разни цели и потреби.

Со законските измени на законот за возила се излегува во пресрет на барањата на корисниците на трактори и тракторски приколки, се надминуваат пречките кои досега тие ги имаа поради недостиг на документација, со што добиваат регулиран статус и потврда за техничка исправност на возилото неопходно за работа.

Со законот се предвидува можност и право преку вонпарнична постапка да се утврди сопственичкиот статус на корисникот на механизацијата, со што лицето кое ја користи ќе може да ја отпочне постапката за регистрација.

Процедурата е следна:

Земјоделците, односно секое физичко и правно лице корисник на механизација, ќе треба да се обратат пред месно надлежниот суд, во вонпарнична постапка, и да поднесат барање кое ќе содржи:
-изјава заверена на нотар дека совесно го стекнал и владее со средството;
-потврда на идентификациски карактеристики која содржи број на мотор, број на шасија, марка, тип и година на производство на средството;
-доколку има, корисникот може да приложи и трет документ, во смисла на стар купопродажен договор, стара сообраќајна дозвола, платена царина и слично.

По добивање на барањето, судот прави предмет и донесува предлог-решение за легализација.

Судот го доставува предлог-решението до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Министерството е должно во рок од три дена од добивањето на секое поединечно предлог-решение да го испрати до својата подрачна единица каде се наоѓа корисникот и средството.

Подрачната единица го изложува решението на огласна табла. Доколку во рок од 30 дена ниту едно второ лице не приговори на решението, подрачната единица го известува судот, и судот носи конечно решение, што во суштина претставува Доказ за сопственост.

Со така добиениот Доказ за сопственост, корисникот земјоделец го пријавува средството во Министерството за внатрешни работи. Притоа, пред МВР за регистрација приложува потврда за идентификација, која ќе ја издаваат службите кои имаат мобилни екипи и на терен одат да ја издадат. Со Доказот за сопственост и со Потврдата земјоделецот го пријавува своето средство и го регистрира во МВР.

Постапката за легализација односно на утврдување на сопственички статус на тракторот или тракторска приколка пред судовите ќе трае шест месеци од денот на објавување на законот во Службен весник на РМ, а постапката за регистрација ќе трае година дена од денот на објавување на законот.

Со тоа завршува процесот, и земјоделецот добива нова вредност. Ова е значаен исчекор и решение на децениски проблем. Земјоделците добиваат право за сопственост и документи. Средството може да го стават во правен промет, да го продадат или заложат. Со регистрацијата ќе се обезбеди и исправноста на средството со што ќе се спречат повреди при користењето, а земјоделците ќе може да се движат со средствата и по сообраќајници, а не како досега да ги оставаат тракторите на нивите.

Ова ќе значи и можност со новата вредност земјоделците да се здружуваат во задруги и да формираат основен задружен капитал, затоа што средството сега има потврдена вредност. Значајно е и што земјоделците ќе ја засилат својата конкурентност за добивање на повеќе бодови за конкурирање пред програмата за рурален развој каде што се бодира и поседување на земјоделска механизација.

Реализацијата на оваа мерка и ветување е сериозна и значајна корист за земјоделците, во секоја смисла, тоа е добро и за нив и за стопанството и за државата, и Владата секогаш како и досега ќе ги поддржува нивните интереси.