Мицкоски: Започна со работа новата хала на компанија Амфенол, со 200 нови работни места

Како што слушнавте и од директорот, станува збор за инвестиција којашто е трудо-интензивна близу 3.200 вработени, со план за нови 500 вработувања, во две фази. Кога ќе биде завршен објектот позади нас, практично, ќе имаме нови 300 вработени, догодина се планира нови 200 вработени, така што ќе се заокружи една бројка од 3.700 вработени.

За време на посетата можевме да видиме сето она коешто тука се работи. Станува збор за исклучително висока технологија, со голема додадена вредност на производот, тоа што нас ни е важно, бидејќи додадената вредност практично влијае врз бруто домашниот производ. 

Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Така што, јас сум навистина задоволен што можам да кажам дека како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата, „Амфенол“ тука во Кочани, како што кажа и директорот во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“. Така што за нас компанијата претставува стратешки партнер. 

Приходите оваа година ако не се лажам, ќе доближат до кај 200 милиони евра, што не е малку, тоа е огромна бројка. Придонесува не само за локалната економија, туку и генерално за државната економија. Така што ние како Влада со оваа посета сакаме, и овој увид би рекол на лице место, да испратиме порака дека сме партнери со бизнис заедницата, со инвеститорите, без разлика дали се тоа домашни и странски.

Спомена и директорот дека во рамките на Советот на странски инвеститори разговараме отворено за проблемите. Голем дел од проблемите се решаваат, меѓу нив се и усогласувањата на царинските ставки, кои што започнаа да се имплементираат од 50% од 1 јули оваа година. Останатите 50-тина проценти ќе почнат од 1 јануари следната година. Така што генерално ако ја заокружиме перспективата овде и перспективата во Македонија, тогаш можам да кажам дека не случајни се оние индикатори коишто ги имавме во економијата во првиот квартал оваа година, во третиот и четвртиот квартал минатата година кога веќе имаме три последователни квартали со раст над 3 проценти, што претставува еден од водечките резултати според растот на бруто домашниот производ на државата во Европа. Ова е втор квартал што измина, а којшто треба наскоро да се објават податоците, очекуваме исто така голем раст. 

Како Влада продолжуваме да креираме добра бизнис клима, стабилност, за да имаме квалитетни работни места, што повеќе работни места, оние коишто ја напуштија Македонија да ги вратиме дома, така што Владата сака да биде пријател на бизнисот и така и ќе продолжи да се однесува.