Министерката Канческа-Милевска го посети Дебар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Центарот за култура во Дебар и на средбата со директорот Артин Спахиу искажа задоволство од програмските содржини во различни дејности од областа на културата кои се реализираат преку Годишната програма за 2012 година, соопшти Министерството за култура.

Министерството ги поддржува проектите на секциите кои  во Центарот за култура во Дебар ја негуваат фолклорната дејност на македонски и на албански јазик, како и драмската дејност - редовната продукција, но и таа што се реализира преку фестивали и манифестации.

- Центарот за култура од Дебар реализира повеќе проекти кои придонесуваат за културната афирмација на Дебар. Во установата во континуитет се финансираат музичко-сценски проекти од едукативен, забавен и мултиетнички карактер. Редовно се финансира детскиот фестивал „Радика“ на македонски јазик и фестивалот „Билбилат е корибит“ на албански јазик, истакна Канческа-Милевска.

Годинава од Министерството се издвоени средства за уредување на влезното плато пред објектот, а во наредниот период ќе бидат санирани и адаптирани  подрумските простории во установата. Во изминатите години беше реконструиран покривот, набавена опрема за интернет-читалницата и за аудиовизуелна техника, адаптирана просторија за шалтер, комплетно озвучена концертната сала.