МВР и ФИНКИ потпишаа Меморандум за соработка

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Димитар Трајанов денеска потпишаa Меморандум за соработка меѓу МВР и ФИНКИ.

Меморандумот, потенцира Јанкулоска, спаѓа во редот на позначајните договори на МВР во делот на соработката со високообразовните институции, бидејќи криминалот извршен со помош на компјутерската технологија, посочи, зема се поголем замав. Според неа, најдобрата база на интелектуален капацитет од кој МВР може да црпи знаење е токму оваа високообразовна институција.

- Со овој Меморандум за соработка се отвораат вратите на МВР за студентите да стекнат практични знаења, но се отвора и за нас добра можност да ја искористиме креативноста на младите луѓе во смисла на добивање нови идеи за идни проекти, кои би значеле од една страна следење на најсовремените трендови во техниката и технологијата, но од друга страна би значеле и воспоставување нови сервиси кои ќе бидат од корист за граѓаните, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека веќе е разговарано за некои иницијативи кои студентите самоиницијативно ги предложиле и донекаде ги развиле, а постои можност, како што рече, сите тие идеи кои ги имаат студентите, а кореспондираат со потребите на МВР заеднички да се разработуваат во интерес на ставање на науката во функција на борбата против криминалот и на овозможување подобри сервиси за граѓаните.

Министерката Јанкулоска изрази уверување дека со овој Меморандум многу млади луѓе ќе се инспирираат својата идна професија можеби да ја најдат во некоја од институциите кои се занимаваат со оваа проблематика - борбата против криминалот, а со тоа ќе се придонесе за  демистификација за она што се работи во институциите, кои се отворени за граѓаните.

Според Трајанов, идејата на ваквата соработка е младите умови да станат свесни за тоа што и до каде може да се направи и оти постојат некои граници исто како и во реалниот свет. - Има способни млади луѓе, но идејата на оваа соработка е тие да бидат корисни. Во рамки на факулетот имаме сајбер секјурити тим, што е составен од студенти кои ја проверуваат и бранат мрежата на факултетот, појасни Трајанов.