Институтот за судска медицина доби современа лабораторија за форензични ДНК анализи

Институтот за судска медицина доби современа форензична ДНК лабораторија  која ќе овозможи анализите на биолошки материјал  да бидат на повисоко ниво и побрзи од тие што досега се правеа. Таа е дел од проектот на Владата на РМ за набавка на лаборатории, кој се реализира преку Министерството за образование и наука. Вредноста на новата лабораторија е околу половина милион евра.

Неа денеска официјално ја пуштија во употреба премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование и наука, Никола Тодоров и Панче Кралев.

- Лабораторијата сериозно ќе ја зголеми можноста за научно-истражувачка работа на Институтот, што е и нејзина примарна цел, но ќе помогне и за вршење на многу посериозни и поточни анализи. Сигурен сум дека ќе го зголеми научниот кредибилитет на оваа и така реномирана установа во Македонија, изјави министерот Тодоров.

Лабораторијата со опремата што ја има е меѓу првите 10 од ваков вид во Европа, оспособена да дава прецизни наоди од корист на медицината, криминалистиката, медицинската деонтологија. Новата опрема овозможува да се зголеми потенцијалот на лабораторијата за најмалку осум пати на ден, како и да се роботизира целокупниот процес на обработка на ДНК-молелкулата на биолошки траги. Резултатите ќе имаат поголем квалитет и со намален ризик на загадување во текот на анализата. Најбрзо резултатите ќе се добиваат за седум до осум часа.

Д-р Златко Јаќоски појасни дека лабораторијата има повеќе апарати за испитување на сите видови биолошки материјал (крв, плунка, сперма, влакна, коски, заби, предмети кои биле во контакт со сторител или жртва на кривично дело). Два од апаратите се главни носители на форензичните ДНК анализи.

- Едниот е за изолација на ДНК молекула по роботски систем, со што за многу пократко време се изолираат примероците, но се намалува и можноста за контаминација од човечко потекло. Вториот апарат, кој е меѓу поскапите,  ги чита резултатите. За осум пати се зголемува досегашната работа на лабораторијата и за четири пати се зголемува сензитивноста. Ќе ја зголемиме многукратно потентноста на досегашната лабораторија, истакна Јаќоски.

На новинарско прашање за финансискиот проблем на Институтот за судска медцина како последица од неможноста да си ги наплати долговите од институциите, министерот Тодоров одговори  дека е најден начин за негово решавање.

-Со деканот на Медицинскиот факултет, директорот на Институтот за судска медицина и со Републичкиот судски совет го договоривме начинот како да излеземе од овој проблем и набргу ќе ја информираме јавноста за финалната одлука, рече министерот за здравство.