Министерот Сараќини го промовираше проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси во Тетово

Министерот за економија Ваљон Сараќини  денеска го отвори Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кој официјално беше промовиран во Полошкиот регион, каде учество земаа градоначалниците од Полошкиот регион, претставници од канцелариите за локален економски развој, клучните  партнери на проектот - Центарот за развој на Полошкиот плански регион, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Германска агенција за меѓународна соработка (ГИЗ), како и претставниците од приватниот сектор, вклучувајќи ги „Ренова“ и „Везе Шари“.

- Проектот за експанзија на малите бизниси има за цел да соработува со приватниот сектор и иинституциите на локалната власт за зголемување на регионалниот и економскиот развој, фокусирајќи се на земјоделството, руралниот туризам и градежништвото со што ќе се придонесе за развој на целокупната национална економија, истакна министерот Сараќини.

Малите и средните претпријатија се клучни за економскиот развој на Република Македонија, со учество над 99 проценти во вкупниот број на претпријатија, со што се докажуваат за важни креатори на општествениот производ во целина, незамерувајќи го и фактот дека 78 проценти од вработените се ангажирани во секторот на мали и средни претпријатија.

Министерството за економија имајќи го предвид нивното значење, превзема разни мерки и активности за поддршка и развој на малите и средни претпријатија и претприемништво преку подигање на свеста за претприемништвото, обезбедување на помош за развивање на нивни деловни активности преку постојната регионална структура со поддршка на активностите на бизнис центрите и инкубаторите, поддршка и развој на Кластерското здружување, кофинансирање на компаниите за воведување или обука за ИСО, ХАЦЦП, кофинансирање на трошоци за развој на индустриски дизајн.

- Согласно Програмата на Владата, која и во иднина ќе продложи да вклучува активности за поттикнување на претприемништвото и иновациите, би сакал да ги издвојам следните планирани проекти - грантови за поттикнување на трансфер на технологии до 50.000 евра за зголемување на капацитетите на македонските компании за користење на европските фондови за иновации,  планираме воведување предмет „Бизнис и претприемништво“ во основно, средно и високо образование, доделување грантови  за кофинансирање на спин-офф компании, стоп за одливот на интелектуалците со обезбедување дополнителни 30 проценти поголема плата за секој студент инжинер, технолог и информатичар, кој по завршување на студиите во странство ќе се врати и ќе работи во Македонија, основање Фонд за технологии и иновации за институционална поддршка и кофинансирање на истражувачки проекти, информираше министерот.

Директорот на Мисијата на УСАИД, Роберт Вурц, појасни дека во голем дел пристапот на овој проект кон локалниот економски развој се состои во идентификување и подршката на иницијативите со кои се поттикнува соработката помеѓу големите и малите претпријатија.

-За малите фирми, новите пазарни можности се создаваат преку нарачката на делови, материјали и услуги од големите компании на локално ниво. Преку оваа соработка се создаваат и канали за размена на пазарните информации, зголемувње на пазарниот пристап, развој на знаењето и способностите, како и технолошки трансфер, со што се овозможува градењето на капацитетот за малите локални претпријатија, изјави Вурц.