Владата со апел до ДИК да го забрза прочистувањето на Избирачкиот список

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледуваше степенот на прогрес во реализацијата на целите и активностите утврдени во Патоказот за реализација на приоритетните цели за 2012 година, усвоени во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската Унија.

Во делот на исполнување на обврските од сферата на реформа на изборното законодавство, Владата увиде дека Државната изборна комисија ненавремено ги реализира преземените и ветени за исполнување обврски и активности кои се во нејзина надлежност, а кои се однесуваат на прочистувањето на избирачкиот список, односно не се придржува кон роковите предвидени во Патоказот.

Владата на Република Македонија ги изразува своето незадоволство и протест до Државната изборна комисија заради бавноста и недоволната посветеност во процесот на прочистување на избирачкиот список.

Владата смета дека кон едно вакво значајно прашање Државната изборна комисија треба да се однесува поодговорно, со зголемено внимание и со силна динамика и интензитет во постапувањето, ефикасно и ефективно.

Во оваа насока, Владата упатува апел до претседателот на Државната изборна комисија, г-дин Борис Кондарко, за забрзување на активностите и постапувањата во однос на прочистување на избирачкиот список.