Реакција од Владата на прес-конференцијата на претседателот на ДИК, Борис Кондарко

Почитувани,

Согласно Патоказот за водење на Претпристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската Унија, кој е јавен документ за кој јавно и транспарентно има расправано и Собранието на Република Македонија, и секој заинтересиран може да го види, рокот за исполнување на обврската и активноста од Патоказот која гласи “Ревидирање на списокот на починати лица и списокот на државјани што живеат во странство”, и за исполнување на обврската и активноста “Разгледување на анализите, согледувањата и конкретните предлози доставени до Државната изборна комисија од страна на вклучените институции по однос на начинот на кој треба да се пристапи кон проверка на Избирачкиот список”, беше предвиден за 30 јуни 2012 година.

Носител на исполнување на овие две наведени обврски и активности е Државната изборна комисија, таа прифати и се согласи да биде носител на овие обврски и ги прифати и немаше никакви забелешки на роковите, и тоа нејзиниот претседател г-дин Борис Кондарко добро го знае, и Државната изборна комисија тоа го има потврдено.

Државните институции од кои Државната изборна комисија има побарано податоци во функција на исполнување на овие обврски и активности навремено ги имаат доставено сите потребни податоци, но факт е дека овие обврски и активности чиј носител е Државната изборна комисија не се сеуште исполнети.

Затоа и беше вчерашната реакција и укажување на Владата кон Државната изборна комисија таа поодговорно и попосветено да се однесува кон ова прашање, а претседателот Кондарко да ги забрза активностите во овој правец, и таа реакција е оправдана, и што е најважно е базирана на фактичка состојба, на аргументи и на податоци кои говорат за конкретни рокови. Целта на реакцијата е да се мотивира Државната изборна комисија и претседателот Кондарко да се ангажираат во исполнувањето на европските обврски и уредувањето на оваа значајна материја.