Владата со нови, интензивни мерки за развој на бањскиот туризам

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Развојот на туризмот има значајна позиција во политиките на Владата, и тој има раст во повеќе сектори на туристичката дејност, за кои се спроведуваат континуирани мерки и активности.

Целта на Владата, покрај општиот развој на дејноста, е развојот на нови туристички гранки или поддршка на веќе постоечки туристички гранки кои имаат голем потенцијал за развој, а се недоволно искористени. Во оваа група спаѓаат бањскиот туризам, ловниот туризам, здравствениот туризам итн..

Во насока на развој на бањскиот туризам, Владата одлучи да преземе повеќе мерки како системски пристап. Тие се направени во консултација со претставниците на постоечките бањи и со експертска помош, меѓу кои и експерти од Република Словенија која е една од лидерите во оваа сфера на европско ниво.

Мерките генерално опфаќаат:

-законски решенија, носење на нови (како нов Закон за бањи), и измена на постоечките закони (како Закон за минерални суровини) за обезбедување на услови за развој на дејноста;

-обезбедување на услови и ангажман за влез на странски капитал во бањскиот туризам;

-обезбедување на нови извори на капацитети, или пак стари извори на капацитети кои може да се користат како основа за формирање на нови бањи;

-определување и давање на продажба на локации кои се предвидени за изградба на нови бањски капацитети крај постоечки бањи, или пак места на кои може да се отворат нови бањи.

1. До крајот на годината до Владата ќе биде поднесен нов Закон за бањи со кој ќе се уреди дејноста, ќе се пропишат процедурите за основање бањи, поволностите и условите за влез и развој на дејноста, формирањето на спа центри, дејност која е многу застапена во Европа и има услови за обезбедување на девизен прилив, но недоволно искористена кај нас, а која опфаќа систем во кој спаѓаат бањски третмани за лекување, но и за рекреација, одмор, односно центри кои на посетителите ќе им овозможат комплетен туристички престој со разни содржини.

2. Економските промотори добија задача приоритетно да ги претставуваат и опциите за влез и доходовност на бизнисот со бањски туризам пред странските инвеститори. Ќе се изработат портфолија на постојните бањи, и на новите можности за основање бањи и како такви ќе се презентираат во странство.

3. Со измените на Законот за минерални суровини, кој е испратен и треба во брзо време да се донесе од Собранието, и е во насока на привлекување на странски капитал, Владата предвиде можност за дополнително искористување на минералните, термални и термоминералните води кои се користат од субјекти кои веќе вршат друга дејност со нив(на пример оранжериско производство), но и веќе постоечки бањи, а при користењето дел од тие капацитети на води се недоволно искористени.

Владин меѓуресорски тим во идниот период ќе ги посети и ќе изврши мерења на искористеноста на следниве капацитети каде има минерални, термални и термоминерални води.

1. “Долни Подлог“ – Кочани,  со температура на водата од t = 73-80 0С, “Истибања“ – Виница, температура на водата од t = 65 - 70 0С, и “Смоквица“ – Гевгелија, температура на водата од t = 55 - 60 0С, на овие места водата се користи за загревање за оранжериско производство.

2. “Здравевци“ –Кратово, каде што водата се флашира.

3. “Бањски Рид“, Катланово – Петровец, температура на водата од t = 56 0С, “Косоврасти“ – Дебар, температура на водата од t = 48 0С, “Бањиште“ – Дебар, t = 38,6 0С,  “Банско“ – Струмица. t = 70 0С,  и “Негорска Бања“, с. Негорци – Гевгелија, температура на водата од t = 43 - 48 0С. На овие места водата се користи за балнеологија.

По испитувањата на овие постоечки концесиски места ќе се утврди во кој обем се искористува водата и можноста за обем за дополнителна употреба за основање на бањи, и потоа истите ќе се дадат на нова концесија и понудени на странски инвеститори.

4. Три нови локации ќе добијат концесионери за искористување на водите кои може да се употребат за бањски туризам.

 

1. “Проевце“-Куманово (Кумановска Бања), каде што е објавен повик за доделување на оваа концесија и во тек е донесување на одлука и склучување на договор за концесија.

2. За “Кежовица и Лџи“– Штип, и “Стрновец“Кумановско во тек е постапка на објавување на Јавен повик за избор на концесионер, и се очекува постапката да биде отворена наскоро.

По добивањето на педолошката карта на Република Македонија, Владата ќе определи и нови локации каде што ќе се прават нови детални геолошки истражувања за постоење на можност за искористување на термални и минерални води, кои ќе бидат давани во втора фаза на концесиско искористување.

5. Владата донесе одлука во идниот период фазно да се утврдуваат катастарски парцели кои се во сопственост на Република Македонија, а кои се во близина на постоечките концесии за експлоатација на термоминерални води, со цел да се распишат постапки за отуѓување на парцелите и можна изградба на бањи.

До крајот на годината ќе бидат распишани постапки за отуѓување на земјиште за изградба на бањи и тоа:

-Општина Виница, за локалитет „Истибања Виница“;

-Општина Пробиштип, за локалитет „Добрево - Злетово“;

-Општина Дебар, за локалитет „Бања Бањиште“.

Понатаму ќе бидат распишани постапки и за:

-Општина Штип, за локалитет “Бања Кежовица“;

-Општина Кратово, с. Вакув, за изградба на спортско рекреативен и бањски комплекс СПА ЦЕНТАР – Кратово;

-Општина Струмица, за локалитет “Бања Бањско“.

Со сите овие мерки ќе се даде значителна поддршка за развој на бањскиот туризам, формирање на спа центри, и можности за локален економски развој на овие населени места, како и подобрување на услугата за бањско лекување, нови облици на туристичка рекреација и секако нови вработувања во овие капацитети.