Ставрески: Буџетот за следната година во рамки на овогодинешниот

Буџетот за 2013 година ќе биде соодветен одговор на случувањата во европската економија. Балансиран од аспект на заштита на сите социјални категории и пензионерите и обезбедување средства за земјоделците, но истовремено запазена е и развојната компонента преку капиталните инвестиции.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција истакна дека подготовките за буџетот за следната година се во завршна фаза и дека очекува тој да се движи во рамки на буџетот за оваа година.

 - Подготовките за Буџетот за 2013 година течат добро. Во завршна фаза се. Направивме разговори во неколку циклуси со сите министерства. Како и секогаш, можностите и потребите не се секогаш идентични, но во целина усогласени сме со министрите дека 2013 година буџетите ќе треба да бидат оптимални согласно условите во европската економија и европската криза. Очекувам дека ќе се движиме во рамки на буџетот што беше за оваа година. За некој ден буџетот ќе биде доставен до Владата и верувам дека ќе биде поддржан од Владата, рече Ставрески.

Министерот Ставрески посочи дека проекцијата за раст за следната година ќе биде во рамки на прогнозите на ММФ, ЕБОР и Народна банка.