Реставрирани фасадите на два објекта од стара градска архитектура во Крушево

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска посети два објекта кои се дел од проектот за реставрација на стара градска архитектура - крушевска куќа од 19 век (на ул. „Партизанска“ бр. 38) и Музејот на Илинденското востание.

- Задоволство ми е што можев да ја посетам реставрираната куќа во Крушево и семејството кое живее во неа. Посебно задоволство е што се среќни и сопствениците зашто им е обновен домот. Ова е значајно и за сите кои живеаат во централното подрачје на Крушево со автентични градби. Собранието донесе Закон за заштита на старото градско јадро на Крушево со оглед на големото културно наследство. Проектот за конзервација на фасадите на старите амбиентални куќи го промовираме од Крушево, а до крајот на годинава ќе продолжиме и во уште четири града - Охрид, Скопје, Битола и Прилеп, изјави Канческа-Милевска.

За реставрацијата на фасадата на крушевската куќа Министерството одвои 2,5 милиони денари, а проектот го спроведе Завод и музеј Прилеп.

- Куќата беше во многу лоша состојба. Комплетно ги обновивме камените ѕидови, целосно е обновена фасадата, дограмата и куќата е обоена со орнаменти на значајните места со сина боја - специфична за крушевските градби, изјави директорката на Прилепскиот музеј Гордана Данилоска-Спироска.

Министерката Канческа-Милевска го промовираше и вториот  проект во Крушево - целосна конзервација и реставрација на фасадата  и на покривот на Музејот на Илинденското востание, односно куќата каде е прогласена Крушевската република.

- Работите беа обемни за заштита на еден од најзначајните споменици на културата - Музејот на Илинденското востание каде се чуваат највредните документи за градот, за подготовките и текот на Илинденското востание, материјалите за прогласувањето на Крушевската Република, Манифестот, мапите, оружјето од тоа време, носиите униформите. Во оваа фаза, за покривот се одвоени 500.000 денари. В година ќе биде следната фаза, обнова на музејската поставка, изјави Канческа-Милевска. Обновената поставка ќе содржи и документи кои првпат ќе бидат покажани во јавност.

Проектот за обнова на фасадите на амбиенталните македонски куќи е обемен и опфаќа обнова на 250 амбиентални куќи во 15 општини  до 2015 година - во Скопје, Кичево, Битола, Вевчани, Струга, Охрид, Прилеп, Штип, Свети Николе, Струмица, Дојран, Гевгелија, Гостивар, Куманово Кратово и Крушево.