Бесими: Чивнинг е можност за развој на знаењето, но и за соочување со светскиот диверзитет

Чивнинг програмата е дизајнирана да ги зближи луѓето, да го промовира диверзитетот, во секоја негова форма, и современите вредности, на глобално ниво. Воедно, индивидуално, Чивнинг помага на патот на себе-унапредувањето и развојот на сопствената компетитивна предност во поглед на знаењето и на критичното размислување. Едноставно помага да знаете како да бидете аргументирано критични кон другите, и уште поважно, кон себеси.

Ова го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими, кој е носител на стипендијата Чивнинг, на Втората конференција на стипендистите на Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Велика Британија, на тема „Придонесот на Чивнинг за Македонија и регионот“, што денеска се одржува во Скопје.

- Чивнинг ни овозможи да дадеме наши искуства и да слушаме други искуства од млади од земјите од регионот. Овие програми се одлична можност за Македонија и за земјите од регионот во пост-транзицискиот период кога креираме нови системи со демократски вредности и кога „де-факто“ имаме потреба од развој и знаење пренесено преку високи реномирани институции од системи на едукација како оној на Велика Британија. Тие се исклучително важни за побрз прогрес и придонес на земјите од кои доаѓаме“, истакна министерот Бесими.

Тој потенцираше дека придобивка, покрај знаењето, е и соочувањето со диверзитетот на културите и разноликостите кои во денешниот процес на глобализација се огромна предност.

Учесниците на конференцијата меѓу кои и министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како носител на стипендијата, британскиот амбасадор во Република Македонија, Кристофер Ивон, претставници на Чивнинг- здруженијата од регионот, како и поранешни стипендисти од Македонија, разговараа на неколку теми кои се надоврзуваат на Првата регионална конференција, одржана во Белград, 2009 година и на Меморандумот за соработка помеѓу пет асоцијации на Чивнинг- стипендисти (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија и Македонија).

Имено, фокусот на конференцијата е ставен на споделувањето искуства од страна на политичките лидери, со акцент на лидерскиот аспект на Чивнинг, потоа искуства поврзани со специјализацијата која е овозможена од страна на Чивнинг, како и споделување на најдобрите практики и регионалната соработка како начин на утврдување како да се успее со Чивнинг.

Стипендијата Чивнинг, основана 1983 година, е програма финансирана од Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелтот на Велика Британија и партнерските организации. Таа се концентрира на развојот на лидерскиот потенцијал преку досегашното стипендирање на последипломски курсеви во Велика Британија за околу 41.000 лица од 116 земји од светот.

Првата стипендија во Република Македонија е доделена во1994 година, додека досега стипендирани се над 200 лица.