Груевски: СДСМ нема кредибилитет, дела и проекти

На митингот на СДСМ зборуваа луѓе кои немаа кредибилитет. Имаа добиено шанса во минатото во повеќе наврати од страна на граѓаните. Но, ја прокоцкаа со тоа што давале лажни ветувања и не сработиле ништо во својот мандат што е вредно  да се запомни и што може да им остави траг во меморијата на граѓаните, изјави денеска во Скопје премиерот Никола Груевски. 

- Од тој аспект беше чудно да слушаме како Црвенковски се обраќа на пензионерите на кои во неговиот мандат им ги намали пензиите, им ги ускрати оние осум отсто, а сега ги повикува да гласаат за него или пак за земјоделците на кои речиси никогаш не им даде субвенција, а денес ги повикува да го поддржат повторно. Истото би можел да го кажам и за сите останати категории како луѓето кои примаат социјална помош или луѓето во администрацијата кои во негово време не се сеќаваат за некакво зголемување или придвижување, рече Груевски, по промовирањето на лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје.

Според него, најсаркастично е обраќањето на Црвенковски кон бизнисмените кои во негово време живееја во атмосфера на шверц, криминал, атмосфера на фаворизирање на одредени олигарси блиски до него. Атмосфера на кршење на ембарго од страна на одредени поединци, атмосфера во која што, вели, вирееја балканските криминалци и шверцери кои до ден денес со носталгија раскажуваат за тоа време како се договараа со властите.

- Значи, еден  човек и една гарнитура, која целосно го има загубено кредибилитетот одејќи на елементот дека луѓето не паметат. Нивната меморија се брише. Се обидуваат  со манипулации, со напад и со клевети да го привлечат вниманието да привлечат гласови и поддржувачи. Мислам дека тоа тешко ќе им тргне бидејќи во тие работи што ги кажаа не им веруваат ниту нивните членови, дека ќе сечеле рака за корупција. Па ако сечеа раце  сега цело раководство на СДСМ без раце ќе беше на чело со Бранко Црвенковски. Кому му исекоа рака? Беа на власт во неколку наврати. Дали на Соња од ТАТ и исекоа раце или на шверцерите кои раскажуваат како убаво си шверцувале и се договарале со властите. Станува збро за луѓе со целосно изгубен кредибилитет  поради нивното минато, поради добиената шанса и излажаниот народ, рече Груевски.

Во врска со наводните обвинувања од СДСМ за подготовка на изборен фалсификат од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски изјави дека ги нема видено тие документи, но смета дека станува збор за сериозна манипулација.

- Таков изборен фалсификат не е ниту можен, ниту остварлив. Станува збор за  некои погрешни работи и такво нешто нема. Тоа е веројатно дел од матрицата на СДСМ, кои што цело време размислуваат како може нешто да се изманипулира, да се излажира... Нашата матрица не е таква и ние не се занимаваме со такви работи, рече премиерот Груевски.