Премиерот Груевски се сретна со специјалниот известувач за Македонија Ховит

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска(7 ноември 2012 година) оствари средба со специјалниот известувач на Европскиот Парламент за Република Македонија, г-дин Ричард Ховит.

На средбата се разговараше за европската интеграција на Република Македонија. Двајцата соговорници го истакнаа задоволството од високите оценки кои Европската Комисија ги наведе за напредокот на нашата земја во евроинтегративниот процес и за констатациите за позитивните придвижувања во општествените сфери.

Премиерот Груевски се заблагодари за личното залагање и придонес на г-дин Ховит за промоција нa интересот на нашата земја, и на принципиелната поддршка и конкретен придонес кои Европскиот Парламент ги дава на Република Македонија.

Премиерот пред соговорникот ги истакна реформите кои се спроведуваат за унапредување на условите за задоволување на потребите на граѓаните и достигнување на европските стандарди. Премиерот ја истакна јасната посветеност на Владата за понатамошно динамизирање и интензивирање на реформските процеси во следниот период за што постојат конкретни планови и програми.

Беше потенцирано дека вреднувањето на препораката на Европската Комисија за определување на датум за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија на претстојниот самит на Унијата, ќе претставува дополнителна мотивација за засилување на реформите и за надминување на сите останати прашања кои имаат влијание на интегративниот пат.

Двајцата соговорници истакнаа дека и во идниот период ќе продолжи процесот на соработка и комуникација во насока на остварување на поволни резултати за Република Македонија.