Ќе се укинува владината мерка за условен увоз на брашно

 Ќе се укинува владината мерка за условен увоз на брашно со откуп на домашна пченица. Ова е утврдено на завчерашната дискусија во Владата откако биле изнесени и образложени сите аргументи за состојбата во мелничката индустрија.

- Имавме квалитетна дискусија на која утврдивме дека постои простор за укинување на мерката за да може да се дозволи увоз на брашно, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Одговорајќи на новинарско прашање пред седницата на Советот за земјоделство, Димовски напомена дека брашното што ќе се увезува ќе мора да биде квалитетно согласно Правилникот.

- Тука нема да има никаква отстапка. Секој што мисли дека во Македонија може да се пласира брашно со несоодветен квалитет, се излажал. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе врши ригорозни контроли на сите испораки и увозни пратки, истакна Димовски.

Министерот најави дека од почетокот на идната година уште повеќе ќе се заострат критериумите за увоз на брашно во однос на квалитетот.

Мерката што ја воведе Владата пред жетвата, која ги обврзуваше трговците за секој килограм увезено брашно да купат четири килограми домашна пченица, беше со цел заштита на домашното производство и одржливост на мелничко-пекарскиот сектор.