МВР и Министерството за труд ја интензивираат соработката во социјалната сфера

Електронска и писмена размена на податоци за поефикасно спроведување на социјалната политика и на заштитата на правата на децата е целта на Mеморандумот за соработка што денеска го потпишаа министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски.

Зајакнувањето на соработката во овој сегмент, како што изјавија Јанкулоска и Ристовски, ќе го олесни пристапот на граѓаните до услугите, но и ќе ги минимизира можностите за евентуална злоупотреба од нецелосно или лажно, неправилно аплицирање при барањето социјална помош. Социјална помош ќе добиваат исклучиво лицата кои ги исполнуваат потребните критериуми со оглед дека досега имало и случаи на превид.

- Преку размена и многу попрецизна проверка на податоците ќе придонесеме за поефикасно спроведување на правата на граѓаните, како и за намалување на можноста од злоупотреби особено во случаи кога граѓаните доставуваат нецелосно точни податоци за да остварат права кои не им припаѓаат, рече Јанкулоска по потпишувањето на Меморандумот.

Со ваквиот начин на меѓуинституционална соработка, додаде Ристовски, министерствата ќе си разменуваат податоци за документите кои корисниците на социјална помош досега беа должни самостојно да ги обезбедат од МВР и да ги достават до надлежните центри за социјална работа, потврда за поседување регистрирано моторно возило, потврда за постојано место на живеење, како и потврда за постојано место на живеење во Македонија последните три години пред поднесување на барањето.

- Да не се обидува никој да го изигра законот во овој дел и да се обиде незаконски да стекне право на социјална помош, детска заштита и други права од системот на социјална заштита. Ние, како надлежни министерства за спроведување на политиките, гарантираме дека сите права ќе ги добијат оние граѓани кои согласно законот ги исполнуваат условите, порача Ристовски.

Операционализацијата на Меморандумот ќе ја зголеми функционалноста на двете министерства.

- За остварување одредено право граѓанинот треба да има приходи под определено ниво, да нема имот на свое име, да не поседува моторни возила,... Но, евидентирани се случаи кога еден од овие услови не бил исполнет, а е доделена социјална помош поради непостоењето директна размена меѓу институциите, односно неможноста брзо да се провери дали документацијата соодветствува на фактичката ситуација. Притоа, некое лице добива права кои не ги заслужува за сметка на друго иако подоцна може ваквото решение да се поништи и да се побара одговорност, објасни Јанкулоска.

Според неа, ако некој тврди дека нема возило или можеби поседува потврда за тоа со постар датум од периодот кога навистина немал, Минисетрството за труд ќе може веднаш, во истиот момент, да провери дали ваквиот податок е точен или не и соодтвено да постапи.

Во насока на комплетно реализирање на едношалтерскиот систем чија крајна цел е олеснување на постапките за остварување и користење права од социјалната сфера, Министерството за труд досега има потпишано меморандуми за соработка и со Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар, Фондот на ПИОМ, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.