Ристовски: Нема ризик по исплатата на пензиите, опозицијата во безидејност ги користи како резервна тема

Средствата во приватните пензиски фондови и во државниот пензиски фонд се сигурни. Пензиите ќе се исплатуваат и нема никаков ризик во нивната исплата ниту сега, ниту во следниот период, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, демантирајќи ги вчерашните тврдења на опозицијата дека 300 илјади граѓани од вториот пензиски фонд се оштетени со законските измени за пензиските фондови.

- Најголемата опозициска партија како што се декларира, во услови на безидејност за прес-конференции секогаш се обидува да одржи прес-конференции со кои ќе ги заплаши граѓаните, а резервна тема за тоа им се пензиите, без разлика на тоа дали станува збор за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или за приватните пензиски фондови. Би сакал да аплелирам до граѓаните дека средствата им се сигурни и стабилни во приватните фондови. Државата ги контролира и гарантира тие средства и нема никаков ризик по однос на исплатата и нема да има никакво намалување, истакна Ристовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот нагласи дека ограничувањето во однос на еврообврзницата била во насока на привлекување странски капитал, а не на одлив на македонскиот капитал надвор од државата.