Груевски не коментира се додека не се донесат заклучоците на ЕС во Брисел

Премиерот Никола Груевски на новинарско прашање какви се очекувањата за заклучоците од Европскиот Совет во Брисел, потенцира дека веќе шест месеци е исклучително внимателен со изјавите, со цел да не се дозволи на кој било што не и посакува добро на Република Македонија да ги злоупотреби или да ги извади од контекст.

- Во таа насока и овој пат ќе се воздржам од изјава. Ќе почекаме што точно ќе се одлучи во Брисел следната недела. Внимателно ја следиме ситуацијата, комуницираме со сите што треба на сите потребни нивоа. Меѓутоа нема да давам никаков коментар пред да помине денот кога ќе се одлучува за заклучоците на Европскиот Совет, изјави премиерот Груевски, по промоцијата на нови дела од едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература“.

Советот за општи работи (ГАК) на Европската унија во вторник и дефинитивно ќе одлучи дали и кога Македонија ќе ги почне пристапните преговори за членство во Унијата.