Изјава на министерот и раководител на Меѓуресорското тело за човекови права Никола Попоски по повод 10 декември, Ден на човековите права на ОН
10 декември претставува значаен датум во светската историја, ден кога Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права, со која се воспоставија основите за заштитата и почитувањето на човековите права ширум светот.
Во изминатиот период бевме сведоци на големи немири ширум светот кои беа поттикнати од барањето за почитување на основните права и слободи на граѓаните од овие земји, како и надминувањето на економските и социјалните нееднаквости, кои за жал се уште постојат. Ваквите состојби претставуваат мотив за мобилизација на сите демократски капацитети за подобрување на имплементацијата на обврските на државите, договорени и прифатени на глобално ниво, за што меѓународната заедница има споделена одговорност. Од овие причини, унапредувањето на состојбите со човековите права претставува еден од приоритетите на надворешната политика на Република Македонија.
Со формирањето на Советот за човекови права на ОН во 2006 година се создадоа услови за натамошно унапредување на човековите права и слободи на глобално ниво. Република Македонија, со цел да даде активен придонес во работата на ова тело, ја поднесе својата кандидатура за член на Советот за периодот 2014 – 2016 година.
Заштитата и унапредувањето на човековите права претставува основна вредност на секое демократско општество. Република Македонија, како земја членка на Обединетите нации, се залага за доследно почитувањето на Универзалната декларација за човековите права и меѓународните конвенции за човекови права, со цел исполнување стандарди пропишани на глобално и регионално ниво и создавање достојни услови за живот на сите свои граѓани.
Заложбите на Владата на Република Македонија за унапредување на човековите права и слободи на национално ниво се гледаат и во формирањето на Меѓуресорското тело за човекови права, кое ќе работи на зајакнувањето на координацијата во областа на унапредувањето и заштитата на човековите права и подобрувањето на законската регулатива во оваа област.