Промовирани 12 нови наслови од проектот за превод на илјада стручни книги

Нови 12 наслови од проектот за превод на илјада стручни книги од кои се учи на првите десет рангирани универзитети во светот беа промовирани денеска, а се од областа на медицината и стоматологијата, претприемаштвото и иновациите, право, внатрешна безбедност...

Со нив бројот на преведени, објавени и дистрибуирани учебници во  библиотеките и факултетите достигна 762. На промоцијата премиерот Никола Груевски рече дека очекува последната четвртина од капиталниот проект да биде реализирана до крајот на годинава, но дека и по неговото заокружување ќе има други изданија во високото образование, како што е  проектот за книги од областите филозофија, психологија и историја.

Истакна дека студентите сега имаат можност на мајчин јазик да учат за најновото во науката, од врвни светски автори, со што ќе добијат и знаење и самодоверба знаејќи дека учат од книги како и нивните врсници во светот. Затоа повика учебниците да се користат постојано, како примарна литература.

- Овие книги се уште една придобивка која треба да придонесе за зголемување на моќноста и раздвижување на македонското општество. Целта е да го разбудиме креативниот дух кај младите, да ги охрабриме поинаку да размислуваат и да се борат за поквалитетен живот, користејќи ги максимумот на својот капацитет, вештини и идеи, рече претседателот на Владата, порачувајќи им на младите да ја искористат шансата за знаење која ќе го поттикне нивниот претприемачки дух и ќе им донесе напредок во кариерата и подобар живот.

И министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека преведените учебници се врвни дела  кои даваат можност за надоградување на талентот, знаењето и вештините со најнови сознанија во одредени области.

- На вас останува добиеното знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на своите визии, храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на своите идеи. Во образованието го имате најмоќното оружје за да го промените светот, рече министерот Кралев.