Премиерот Груевски ги посети поплавените подрачја во Штипско и Светиниколско

Премиерот Никола Груевски денеска ги посети поплавените реони во Штипско и Светиниколско.

- Секогаш кога има катастрофални ситуации со пожари и поплави и други крупни незгоди излегувам за да разговарам со луѓето. Едно е да се седи во канцеларија, да ти даваат извештаи и да ги читаш или да гледаш телевизија, а друго е да влезеш тука во калта и одблиску да ја почувствуваш маката на луѓето, да  поразговараш со нив и со свои очи да ги видиш загубите коишто тие ги претрпеле. Тоа е моја стална пракса и во тој дух денеска сум тука на терен, рече премиерот Никола Груевски .

Правиме, нагласи се што е во наша моќ и ќе продолжиме се да правиме за да им помогнеме на луѓето зафатени од оваа стихија што се случи во Македонија.

- Голема трагедија е и навистина се направени големи штети, а луѓето се во очајна состојба. Јас целосно ги разбирам и секој на нивно место би бил во очајна состојба кога во пет минути ќе ви се уништи се што сте создавале, штеделе и за што сте живееле и сте се бореле со години, рече Груевски.

Вети дека ќе ја информира јавноста што ќе се превзема понатаму откако Владата ќе се состане, ќе ги разгледа сите работи, ќе ги увиди нејзините можности и ќе зацрта како и со што може да помогне.

- И досега преку АРМ, Дирекцијата за заштита и спасување, ангажман на сите министри на терен во изминатите два дена, соработка со општините и ангажман на градежна оператива позајмена од приватниот сектор  на сите начини  се трудевме да помогнеме, рече Груевски.

Тоа, додаде, во вакви ситуација не е многу видливо и нормално е луѓето што имаат мака да бидат нервозни. Но, потенцира, ако го немаше нашиот ангажман штетите ќе беа поголеми.

- Вчера и денеска со хеликоптер се дистрибуираше храна и вода за отсечените од поплавите, а во тоа помогнаа и одредени компании, рече Груевски.

Денеска заедно со министрите за транспорт и врски и труд и социјална политика, Миле Јанакиески и Спиро Ристевски, премиерот Груевски ги посети поплавените граѓани во штипската населба Ново Село и во населбата Ливади во Свети Николе.