Адвокатите ќе се фискализираат, најави Ставрески

Владата го прифати барањето на Адвокатската комора  и на адвокатите за ставање надвор од примена на Законот за адвокатски маркички, со што ќе се овозможи фискализација на адвокатските услуги.

- Министерството за финансии на првата седница на Владата ќе предложи измена на Законот со цел да се стави  вон сила и да се премине на вообичаениот систем на оданочување на услугите на адвокатите во делот на готовинските трансакции  преку фискални апарати, а  во делот на плаќањето  преку жиро-сметка тоа ќе се биде вообичаено,  информираше денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Со тоа, според него,  се излегува во пресрет на  адвокатите со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на  даночната  постапка.  Се овозможува, појасни тој, на наједноставен и најтранспарентен начин адвокатските  да бидат изедначени со сите останати интелектуални услуги. На тој начин идентично работат и извршителите, нотарите, стоматолозите, докторите, книговодствените бироа...

- Со ова Владата уште еднаш покажа конструктивност кога станува збор за  разговори со одделни структури во општеството  во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак  да го заштитиме даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците,  особено кога станува збор за готовинските плаќања, да се врши преку фискализација и фискални апарати, рече Ставрески.