Груевски најави изградба на индустриска зона во Делчево

 

Во Делчево ќе се гради Технолошка индустриска развојна зона (ТИРЗ) на 20 хектари државно земјиште. Ќе почне да се гради на крајот од оваа година, а се очекува да биде готова до 2015 година, најави премиерот Никола Груевски при денешната посета на месноста Црна Скала, во близина на Делчево, каде ќе биде лоцирана зоната.

- Во четвртиот квартал од годинава тука треба да почне да се гради инфраструктурата, а сега се во подготовка проектите. Ќе се гради во 2014 и се надевам дека ќе биде готова до 2015 година, изјави Груевски, притоа изразувајќи надеж дека ќе се привлечат крупни компании.

Тој нагласи дека пракса е три месеци по почеток на градба на ТИРЗ да се носат инвеститорите зашто, како што рече, ако се одлучат да градат можат тоа да го сторат паралелно со изградбата на зоната.

- Така направивме и во Штип каде три месеци по почетокот на градбата на ТИРЗ-от ги однесовме „Џонсон Контролс“, тие кажаа колку време им треба да градат, а ние им кажавме додека ја градат фабриката дека ќе ја завршиме зоната. Склучивме договор, тие градат, ние градиме и на денот кога ќе бидат готови и ние ќе бидеме готови. Се надевам дека така ќе биде и овде, рече Груевски.

Според него, на овој начин ќе може да им се помогне на многу невработени луѓе во овој крај да си најдат соодветно вработување.

Груевски изрази надеж дека изградбата на зоната ќе биде импулс за соработка со Бугарија со оглед на близината.

- Не можам однапред да кажам како ќе реагира другата страна, но се надевам дека ќе има реакција, бидејќи тука ќе ги има истите поволности кои се нудат во „Бунарџик“ и другите технолошко-развојни зони. Ќе гледаме да донесеме што повеќе странски крупни компании тука, а потоа од нив зависи дали ќе градат, но во секој случај верувам дека некој ќе се одлучи да гради и да вработи 200, 300 и повеќе луѓе, посочи Груевски.

Тој образложи дека првично била донесена одлука да се градат само 11 економски зони, но подоцна, увидувајќи ја ситуацијата во овој дел од Источна Македонија, лично инсистирал да се изградат уште три - меѓу Кочани и Виница, меѓу Берово и Пехчево и во Делчево.