Кичево ќе добие современа општа болница

Владата на вчерашната седница донесе одлука да почне еден голем инвестициски зафат на објект кој е започнат во раните деведесетти години, а кој треба да прерасне во нова современа општа болница во Кичево, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров кој ја посети Општата болница во градот.

Инвестицијата, посочи тој, се проценува на околу 200 милиони денари.

- Согласно динамиката која ја утврдивме на седницата на Владата, тендерот за градба треба да биде распишан во средината на јуни, а градежните работи треба да почнат во август и сите да бидат завршени во рок од 18 месеци, истакна Тодоров.

Тој рече дека на овој начин сакаат во тој објект да ги сместат сите одделенија - Гинекологија, Интерно одделение, амбулантски дел, нов Ургентен центар, делот за дијализа и на тој начин да овозможат поквалитетна здравствена заштита на граѓаните на Кичево.

- Објектот планираме да го реконструираме согласно најновите и најсовремените стандарди во здравството, односно стандардите што ги имаме при изградба и реконструкција на сите здравствени објекти. Тоа значи ќе има тоалет во секоја соба, ќе се почитуваат сите правила за спречување на интра хоспитални инфекции, нови современи лифтови, паркинг-простор за сите кои ќе доаѓаат во болницата и целосно партерно уредување на околината на овој објект, истакна Тодоров.

Ова, како што посочи тој, е уште една потврда дека Владата ќе продолжи да го поддржува Кичево и кичевчани и да овозможи подобар живот за сите граѓани кои живеат во Кичево.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Тодоров рече дека изминатите неколку месеци го разгледувале проектот за објектот кој е изготвен во доцните 80-ти години кога важеле други стандарди и кој има определени недостатоци.

- Денес имаме сосема различни стандарди и од аспект на сеизмичка заштита и безбедност, но и од аспект на здравствена инфраструктура. Од тие причини комплетно ќе биде преработен за да биде сеизмички сигурен објектот и од инфраструктурен аспект да се оневозможи појава на интра хоспитални инфекции, појасни Тодоров.

Битно е, истакна тој, да се обезбеди објект кој ќе биде енергетски ефикасен и кој ќе има систем за затоплување и ладење.

- Овој објект ќе опслужува 70.000 жители и ќе има ново одделение - нов Ургентен центар. Делот на болницата кој сега се користи планираме да се отстапи на Здравствениот дом и да се создадат услови за функционирање на брзата помош, Здравствениот дом и концесионерите кои се закупци во тие простории, додаде Тодоров. Одговарајќи на новинарско прашање потенцира дека досега во јавните здравствени установи низ Македонија имаат обезбедено околу 1.200 вработувања за година и пол.

- Планираме не само со вработувања Општата болница во Кичево да ја поддржиме и со специјализации, односно да овозможиме навремена специјализација на сите доктори по општа медицина, рече министерот Тодоров.

Директорот на Општата болница во Кичево Љупчо Ристески посочи дека во моментов најнеопходни се специјализации по гинекологија и акушерство - најмалку двајца специјализанти од кои една специјализација е реализирана и еден нивни колега ќе почне со едукација во областа на гинекологија и акушерство.

- Има потреба од специјалисти од областа на кожни и очни болести и тие се веќе одобрени и се во фаза на реализација. Очекуваме со програмата во 2013 година да се надополни тој недостиг од специјалисти од областа на анестезиологија, хирургија, гинекологија и сите дејности кои се клучни за опстојување на оваа болница, истакна Ристески.

Тој додаде дека со програмата од 2012 имаат една специјализација од областа на педијатрија, а потребни се, како што рече, и доедукации и доспецијализации од областа на гастроскопија, кардиологија итн.