Премиерот Никола Груевски се сретна со претседателот на ЕАФ Хансјорг Вирц
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 12.04.2013 година) оствари средба со претседателот на Европската атлетска федерација, г-дин Хансјорг Вирц.
На средбата двајцата соговорници разговараа за развојот на спортот и атлетиката во Република Македонија, и за инвестициите кои се реализираат за развој на спортската инфраструктура.
Премиерот Груевски истакна дека Владата реализира проекти чија што интенција и намена е развој на атлетиката во Република Македонија, истакнувајќи дека Владата има изградено најсовремена атлетска патека по сите светски стандарди на Националната арена Филип Втори Македонски, како и реализацијата на атлетската патека на стадионот Билјанини извори во Охрид каде што Владата помогна во проектот.
Премиерот ја истакна и следната етапа на проектот кој опфаќа обезбедување на нови реквизити за изведување на атлетски натпревари и опремување на атлетските терени. Тој потенцираше дека Владата е силно посветена на инвестиции во развој на спортската инфраструктура, при што досега се изградени 90 спортски сали од проектот 180 спортски сали, а во тек се и проектите за изградба на 100 тениски терени и 100 мултифункционални спортски игралишта, кои имаат намена за развој на базичниот спорт како основа за развој и на дисциплината атлетика.
Претседателот на Европската атлетска федерација Хансјорг Вирц даде позитивна оценка и ги поздрави владините инвестиции во спортот, посочувајќи ги како соодветен пример на поддршката на спортот од страна на државата. Тој ја истакна и благодарноста за соработката на државните институции со Атлетската федерација на Македонија во овозможувањето на логистичка поддршка за реализација на нејзините приоритети.
Двајцата соговорници истакнаа дека насочувањето на младите во спортот треба да остане еден од приоритетите на општеството, како најдобра превенција од модерните ризици и соодветен начин на градење на здрав систем на вредности и натпреварувачки дух кај населението.