Министрите Димовски и Фазекаш потпишаа Меморандум за разбирање

Министрите за земјоделство на Македонија и на Унгарија Љупчо Димовски и Сандор Фазекаш на денешниот билатерален состанок во Будимпешта потпишаа Меморандум за разбирање чија цел е унапредување и проширување на досегашната соработка.

Согласно Меморандумот, Македонија ќе добие унгарска поддршка за евроинтеграцискиот процес во делот на земјоделството и руралниот развој. Двете земји воедно ќе разменат искуства во областа на здравјето на растенијата, регистрацијата на растителните видови, управувањето со шумите, стопанисувањето со водите и наводнувањето, управувањето и преструктуирањето на земјишните парцели,...

- Унгарија целосно ја поддржува Република Македонија во процесот за приклучување кон ЕУ, не само од геостратегиски аспект, туку и како пријателска земја. Успехот на македонското земјоделство е огромен и е за секоја пофалба за многу кратко време да обезбеди толку многу вработувања, рече Фазекаш  на средбата.

Тој на својот македонски колега му сугерираше дека пред да почнат преговорите е неопходно да се обрне посебно внимане на работењето со преработувачките капацитети.

Заблагодарувајќи за поддршката со напомена дека е добредојдена, Димовски информира дека 95 проценти од македонското законодавство во областа на земјоделството е хармонизирано согласно барањата на ЕУ, како и дека веке 4 години добиваме позитивна оцена што дава дополнителен мотив за уште подобро работење.

Унгарскиот министер понуди експертска помош и во справувањето со поплавите. И Унгарија, како што рече, оваа пролет имала големи проблеми со поплавување на земјоделските површини. Поради обилните дождови дошло до покачување на подземните води со што биле поплавени 200.000 хектари.

Фазекаш се интересираше и за проблемот со афлатоксинот во млекото и сточната храна. Министерот Димовски ја образложи ситуацијата и истакна дека Македонија успешно се справи со неа. Фазекаш го информираше Димовски дека од последната нивна средба во ноември минатата година имале многу активности. Во февруари биле домаќини на Федерацијата на фармери на Република Македонија, а минатиот месец во Будимпешта се сретна и мешовитата комисија која работи во рамки на договорот за економска соработка меѓу владите на Унгарија и Макдонија.