Груевски ги повика бразилските компании да дојдат во Македонија

Економски тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот Никола Груевски, заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, вчера (четврток, 25.04.2013 година) присуствуваа и се обратија на бизнис форум во градот Куричиба, федерална држава Парана, Бразил, на кој ги презентираа поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Пред почетокот на бизнис форумот премиерот Груевски оствари средба со раководниот менаџмент на Стопанската комора на Парана, која што беше и организатор на бизнис форумот на кој присуствуваа претставници на компании од областа на информатичките технологии, агробизнисот, земјоделството и туризмот.

Премиерот Груевски ги покани претставниците на бразилските компании да ја посетат Република Македонија, и на дело да ги увидат и да се уверат во презентираните поволности и бенефиции кои им ги нуди нашата земја.

Бразил е голема економија, а бразилските компании се повеќе стануваат големи играчи на светските пазари. Има многу бразилски компании кои ги имаат надминато границите на Бразил и Јужна Америка и бараат нови пазари во Европа и други делови на светот. Ние се обраќаме на тие компании, доколку сакаат да влезат на пазарот на Европа, Република Македонија со поволностите кои ги нуди е вистинската дестинација за таков исчекор, истакна премиерот Груевски.

Во мојата земја бизнис компанија може да се отвори само за 4 часа, процедурите за градење на објектот се реализираат во 3 наместо во поранешните 21 чекор, а државата дава и државна помош за изградба на капацитетот во вредност до половина милион евра, ги посочи македонскиот Премиер брзите процедури и поддршката која се дава на странските компании.
Вицепремиерот Ставрески посочи дека нашата земја може да се искористи како дестинација од која бразилските компании би можеле со свои капацитети да ги покријат и брзорастечките пазари на Русија, Турција и арапските земји.

На тој начин значително ќе се намалат трошоците на компаниите за транспорт, кои претставуваат значаен дел од вкупните трошоци на производите, а нема да имаат и обврска за плаќање на данок на додадена вредност и царини за инпутите во производството кои ќе ги користат за изработка на своите производи кои одат за извоз, посочи вицепремиерот Ставрески.

Министерот Веле Самак се осврна на значителното присуство на компании од автомобилската индустрија во нашата земја, и ги елаборираше аспектите на ценовна исплатливост за креирање на бизнис од областа на производство на автомобилски делови во нашата земја.

Директорот Висар Фида истакна дека во рамките на технолошко-индустриските развојни зони компаниите се ослободени од плаќање на данок на добивка и персонален данок во првите 10 години од почетокот на производството, што претставува придобивка која би ја направила доходовна продажната цена на производите кои би се произведувале во Република Македонија.

Владината делегација ја продолжува својата посета на земјите од Јужна Америка со посетата на Аргентинската Република, каде што во главниот град Буенос Аирес ќе бидат остварени повеќе политички и економски средби и настани.