Средба Груевски-Буду:Констатирани пријателски односи меѓу Македонија и Аргентина

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (петок, 26.04.2013 година) во Буенос Аирес оствари средба со потпретседателот на Аргентинската Република, г-дин Амадо Буду.
    
На средбата беа констатирани пријателските односи помеѓу двете земји, и обостраниот интерес за нивно понатамошно продлабочување на секое поле од заеднички интерес и на билатерално и на мултилатерално ниво.

Соговорниците истакнаа дека политичките фактори од двете земји треба да влијаат на воспоставување на конкретни економски односи со кои што би се влијаело на интензивирање на економската соработка, трговската размена и соработката помеѓу компаниите.

Беше истакнато дека Република Македонија и Аргентинската Република остваруваат и успешна соработка на мултилатерално ниво врз основа на принципиелните определби на двете земји.

Континуираните реформи, иницијативите за подобрување на економскиот стандард и надминување на предизвиците предизвикани од негативните светски економски влијанија, како и модернизацијата на општествените сфери се приоритети на дејствување на двете земји.

Беше дадена силна политичка поддршка за формализирање и заокружување на договорната рамка која овозможува предуслови за овозможување на слободен проток на лица, капитал и добра.

Премиерот Груевски истакна дека Аргентина е пријателска земја која нуди добри перспективи за соработка и потенцираше дека нашата земја посветено ќе работи на унапредување на односите во секоја сфера. Тој афирмираше дека преку економската соработка може да се реализираат цели од интерес за сите граѓани. Ги претстави и поволностите кои се овозможуваат за странските инвеститори кои би можеле да бидат искористени од страна на аргентинските мултинационални компании во ширење на своето производство на светските пазари.

Потпретседателот Буду ја поздрави нашата иницијатива за развој на меѓусебните односи чиј што резултат е посетата на владината делегација, истакнувајќи дека Аргентина целосно се согласува со поизразен активизам на овој план за што истакна и иден свој личен ангажман. Тој изјави дека доколку има потреба Република Македонија може да ги истакнува своите идеи за проекти, реформи, погледи и иницијативи во економијата и општествените дејности пред светските економски групации користејќи ја аргентинската логистика.

Соговорниците изразија подготвеност и за унапредување на парламентарната соработка преку специјализација на работни групи за развој на пријателските македонско-аргентински односи.