Груевски: Мексиканските компании преку Македонија до европскиот и светскиот пазар

Економски тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот Никола Груевски, како и заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, вчера (понеделник, 29.04.2013 година) на бизнис форум во Мексико Сити, Мексико, ги презентираа економските потенцијали на нашата земја и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Бизнис форумот се одржа во соработка, со целосна логистичка поддршка и во коорганизација со компаниите Мекс Тел, Тел Сел и Американ Мобил, кои се дел од бизнис групацијата на г-дин Карлос Слим, и на бизнис форумот присуствуваа претставници на над 200 мексикански компании од областа на медицината, текстилната индустрија, енергетиката, информатиката, комуникациските технологии, хемиската индустрија, туризмот, градежништвото, сервисните услуги, производството и други економски гранки и области.

Премиерот Груевски во своето обраќање ги наброја поволностите кои им се овозможуваат на странските инвеститори, најниските трошоци за правење бизнис во Европа, слободниот пристап до 650 милионски пазар на потрошувачи кој е овозможен со договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа и услужната ориентираност на македонската Влада кон странските инвеститори.

Ние сме пријателски настроена Влада кон компаниите, Ве поканувам да дојдете во Македонија, повеќе мултинационални компании веќе работат во мојата земја. Џонсон Контролс по првата сега отвора и втора фабрика, истото го прави и Џонсон Мети, Ван Хул отвора производство, Дрекслер Мајер, Протек и други, дојдете и разговарајте со нив и ќе видите дека ова што го зборуваме е реалност, истакна премиерот Груевски.

Тој посочи дека Македонија бележи континуиран напредок на листите на Светската Банка, на Форбс, на Прајсвотерхаус и на другите листи на кои се вреднува деловната клима, што е најдобар доказ и гаранција дека реформите кои се спроведуваат ги даваат своите резултати.

На средбата се обрати и г-дин Карлос Слим Јуниор, извршен директор на бизнис групацијата на Карлос Слим, кој позитивно ги оцени реформите кои ги спроведува македонската Влада за подобрување на бизнис опкружувањето и реализацијата на инвестициите. Карлос Слим Јуниор го истакна активниот пристап на неговата компанија во лобирањето кон мексиканските компании да ја разгледаат можноста за инвестиции во Македонија. Тој истакна дека неговата групација како и досега ќе продолжи со силна поддршка на промоција и реализација на интересите на нашата земја.

Очекувам ваквите настани да ја засилат соработката помеѓу двете земји, двата народи и компаниите од двете земји, истакна Карлос Слим Јуниор.

Џон Габриел Годар од Светската Банка, кој беше специјален гостин на бизнис форумот, даде позитивна оценка за реформите кои се спроведуваат во нашата земја и за доброто деловно опкружување.

Македонија направи значителен исчекор на полето на регистрацијата на бизнис, на полето на оданочувањето и во други области, но и со најновите мерки за подобрување на ликвидноста и другите реформи кои ќе бидат вреднувани во најновиот извештај на Светската Банка, истакна Годар.

Вицепремиерот Ставрески го истакна стабилното макроекономско опкружување и добрите економски индикатори кои овозможуваат соодветна гаранција за остварување на бизнис интересите на компаниите кои би инвестирале во Македонија.

На маргините на бизнис форумот, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида остварија средба со мексиканската агенција за промоција на извозот Про Мексико, при што беше договорено отпочнување на конкретна соработка.

Двете страни се договорија во идниот период да се воспостави продлабочена институционална соработка помеѓу двете национални агенции, во која што Про Мексико ќе овозможува комплетна логистичка поддршка на промоцијата на поволностите кои ги овозможува Република Македонија за отворање и развој на бизниси, при што таа кон мексиканските компании ќе врши активно лобирање за инвестиции во Македонија, но и ќе ги промовира нашите поволности и кон компании од трети земји.

Про Мексико ќе овозможува и давање на сервисни податоци, информации и бази на податоци кон македонската Агенција за интересот на светските инвеститори, за движењата на светско ниво на полето на инвестициите, но и на ниво на макроекономски индикатори врз кои се врши антиципација и лоцирање на можностите за привлекување на инвестиции.

Двете агенции договорија и потпишување на меморандум за соработка на полето на инвестициите.